• недела, 11 јануари 2026

Германија се подготвува за нов снег додека траат транспортните проблеми

Германија се подготвува за нов снег додека траат транспортните проблеми

Берлин, 10 јануари 2026 (МИА) – На дел од железничките линии во Германија денеска постепено почнаа да се нормализира сообраќајот по невремето предизвикано од бурата „Ели“, која го парализираше северот на земјата, но големи ограничувања и понатаму се во сила, додека метеоролозите предупредуваат на нови обилни снежни врнежи за време на викендот.

Меѓуградскиот железнички сообраќај, кој вчера беше целосно прекинат во северниот дел на Германија поради обилниот снег, ќе продолжи да се соочува со нарушувања најмалку до крајот на викендот, изјави портпаролка на германскиот железнички оператор „Дојче бан“ за агенцијата ДПА.

Меѓу најпогодените линии се клучните железнички правци Хамбург–Хановер–Франкфурт и Берлин–Хановер–Дизелдорф, додаде таа.

Прекинати останаа и други меѓународни линии, вклучително и кон Данска и Холандија.

Регионалниот сообраќај се очекува постепено да се обновува на одделни релации во текот на денот, но во многу области автобусите и регионалните возови сѐ уште не сообраќаат редовно.

Од вчера, кога бурата „Ели“ ја зафати земјата, северна и источна Германија се соочуваат со наноси од снег и голем број сообраќајни незгоди.

Југот на земјата, кој првично беше поштеден од најтешките последици, се очекува да биде погоден од обилни снежни врнежи во текот на ноќта, особено во регионите Шварцвалд и Алгау, соопштија метеоролозите.

Германската метеоролошка служба најави дека во тие области може да наврнат до 30 сантиметри нов снег во текот на ноќта, а на повисоките делови на Шварцвалд и до 50 сантиметри.

Во понеделник се очекува и леден дожд во поголем дел од земјата, при што температурите благо ќе пораснат, што носи висок ризик од појава на голомразица, особено во југозападните региони.

Зимските временски услови создаваат сериозни проблеми и во други делови на Европа. Во Франција, стотици илјади домаќинства останаа без електрична енергија, а една нуклеарна централа е превентивно исклучена.

Во Русија се откажани бројни летови, особено во Москва, додека во Англија маж на возраст од околу 50 години загина откако дрво паднало врз неговата приколка. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан