Герасимовски: Екипи на Општина Центар го исчистија ѓубрето во Дебар Маало кај Круг
- СООПШТЕНИЕ

Скопје,10 февруари 2025
Понеделнички, дебармаалци пак се разбудија во неред – со преполни контејнери, разнесен отпад и непријатна миризба. ЈП „Комунална хигиена“ и викендов потфрли и не ја заврши својата работа, оставајќи ја познатата локација кај „Круг“ во Дебар Маало затрупана со отпад. Контејнерите што се наоѓаат веднаш до детската градинка „13 Ноември”, објект Парк и станбените згради околу беа преплавени со расфрлан смет. Екипите на Општина Центар веднаш интервенираа и го исчистија просторот околу контејнерите, со цел да обезбедат основна хигиена за жителите.
Паралелно, во Буњаковец е во тек расчистување на депонијата зад катната гаража. Со механизација се отстранува шут, стакло и друг отпад, со години складиран во оваа магацин - депонија од страна на несовесни лица.
Утринава, нашите хигиеничари започнаа и со чистење на улицата „Козара” во Капиштец, а потоа продолжуваат со други локации. Целта е да се подигне хигиената на повисоко ниво.
-Чистотата и хигиената во нашата општина се наш приоритет. Ќе продолжиме со акциите за да обезбедиме поквалитетна и побезбедна средина за сите наши сограѓани, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Акцијата за чистење под мотото „Центар не чека, Центар чисти“, е поттикната од непостапувањето на „Комунална хигиена“. Оваа акција ќе продолжи се додека нашиот Центар не стане чисто и безбедно место за сите граѓани.
Општина Центар
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.