Генц Садику, нов директор на деветолетката „Пенестија“ во Дебар
- Во рамки на започнатите кадровски промени во образовните институции, градоначалникот на општина Дебар, Фисник Меља, за нов директор на Општинското основно училиште „Пенестија“, го назначи Генц Садику, професор по одделенска настава, во истата установа.
Дебар, 9 јануари 2026 (МИА) – Во рамки на започнатите кадровски промени во образовните институции, градоначалникот на општина Дебар, Фисник Меља, за нов директор на Општинското основно училиште „Пенестија“, го назначи Генц Садику, професор по одделенска настава, во истата установа.
Ова именување, според Меља, носи голема одговорност, но и значајна можност за понатамошно зајакнување на квалитетот на образованието, институционалното управување и соработката со наставниците, учениците и родителите.
-Убеден сум дека Садику, кој има повеќегодишно искуство и е еден од најпочитуваните, ценети и посакувани педагози, ќе ја извршува оваа функција со професионалност, посветеност и визија, придонесувајќи за образовниот и воспитниот развој на младите генерации во Дебар, рече Меља.
Посакувајќи му успех во оваа важна задача, тој ја изрази подготвеноста на Општината за континуирана соработка во служба на образованието и граѓани.
ООУ „Пенестија“ е најголема деветолетка не само во Дебар, туку и во пошрокиот регион, каде настава на македонски и албански наставен јазик следат над 900 ученици.
Претходно нови директори добија гимназијата „28 Ноември“, каде е назначен Аргетим Трепча и ООУ„Ристе Ристевски“- Долно Косоврасти, Арменд Незири.
Како што најави Меља, деновиве нов директор ќе биде назначен и во ООУ „Саит Најдени“ во Дебар. Негов став е дека на младите, образовани и способни кадри, треба да им се даде можност да се докажат во работата. вт/дма/
Фото: МИА