Куманово објави повик за субвенции за сметки за вода и ѓубре, наменет за ранливите категории граѓани
- Општина Куманово денеска распиша јавен повик за субвенционирање на трошоците за комунални услуги, насочен кон социјално ранливи категории граѓани. Мерката, како што соопштија од секторот за социјална заштита, има за цел ублажување на финансискиот притисок врз домаќинствата со ниски приходи и зголемена социјална ранливост.
Куманово, 9 јануари 2025 (МИА) - Општина Куманово денеска распиша јавен повик за субвенционирање на трошоците за комунални услуги, насочен кон социјално ранливи категории граѓани. Мерката, како што соопштија од секторот за социјална заштита, има за цел ублажување на финансискиот притисок врз домаќинствата со ниски приходи и зголемена социјална ранливост.
Субвенциите може да ги користат стечајни работници кои останале без право на материјално обезбедување поради приватизација на државни претпријатија, самохрани родители кои сами ги извршуваат родителските права поради смрт, исчезнување или неспособност на другиот родител, згрижувачки семејства кои обезбедуваат 24-часовна грижа за деца и возрасни лица без соодветни услови за живот, млади лица кои до 18 години биле без родителска грижа, со можност за користење до 26 години доколку се образуваат, лица над 65 години – корисници на право на социјална сигурност за стари лица, лица со попреченост над 26 години, вклучително и лица со интелектуална и телесна попреченост, слепи, слабовидни, глуви и наглуви лица, како и лица со Даунов синдром, деца со специфични потреби до 26 години, корисници на гарантирана минимална помош, кои живеат под наем и немаат обезбедено станбено и материјално прашање.
За секоја категорија корисници се пропишани јасни и прецизни критериуми, како и задолжителна документација што мора да се приложи со барањето, меѓу нив фотокопија од лична карта, контакт телефон, последни сметки од ЈП „Водовод“ и ЈП „Чистота и зеленило“ (не постари од три месеци), доказ за врската помеѓу подносителот и носителот на сметките. Дополнително, за секоја целна група се бараат специфични документи решенија од Центарот за социјална работа, потврди од АВРСМ, изводи од матични книги, договори за наем, медицинска документација, решенија за попреченост или посебен додаток и потврди за редовно школување. Со ова се обезбедува селекција врз основа на реалната социјална состојба на барателите.
Барањата можат да се подигнат во зградата на поранешен АД „Козјак“, спроти градскиот стадион, во Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита. Поднесувањето на документацијата се врши во Архивата на Општина Куманово и ќе трае до 12 февруари годинава. ам/лв/
Фото: МИА