Мицкоски: Ќе иницирам лидерска средба за реформските закони и за Законот за влада во делот на техничка влада
- Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, која би се одржала во наредните седум до десет дена, пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос. Теми на средбата би биле консензус за реформските закони и укинување на техничката влада.
Скопје, 7 јануари 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, која би се одржала во наредните седум до десет дена, пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос. Теми на средбата би биле консензус за реформските закони и укинување на техничката влада.
- Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции кои имаат пратеничка група во рамки на Парламентот да оранизираме една лидерска средба. Мислам дека од денеска, за една недела до 10 дена пред да заминам во Давос, е доволно голем временски период за да се организираме и да седнеме да разговараме за овие реформски закони, за реформи во политичкиот систем, еве тука е да речеме оној закон за Влада, да разговараме што правиме со техничката влада, рече Мицкоски во празничното интервју на Алфа телевизија.
Премиерот Мицкоски истакна дека очекува сите лидери на парламентарните коалиции да ја прифатат поканата за лидерска средба.
- Јас очекувам и би било разумно да очекувам. Периодот е доволно долг – седум до 10 дена, мислам дека е сосема разумен период за таа работа. Но, ајде да видиме. Ние како ВМРО-ДПМНЕ, јас како претседател на Владата, ќе испратам таков еден допис, една покана. Мислам дека тоа би било еден добар потег да седнеме сите на маса и да поразговараме малку и за овие работи и за некои други работи. Дневниот ред не е затворен, може да биде и дополнет од нивна страна. Не сакам да бидам јас тој што ќе каже ова се точките, затоа што знам како ми било мене во минатото кога ме канеле на лидерска средба – ова се точките, прифаќаш или не прифаќаш. Ние малку, би рекол, растегливо се однесуваме, позрело, не сакаме да им правиме на луѓето тоа што не сакаме тие нас да ни прават, па да видиме, рече тој.
Потенцира дека дневниот ред на лидерската може да биде проширен и дополнет од страна на другите.
- Во овие денови на Христовото раѓање, мислам дека еден ваков зрел собир на кој сите заедно ќе излеземе со еден натпартиски компромис околу овие теми, е нешто коешто за нас претставува асполутно цел. Законите кои се дел од Реформската агенда – правобранителот, законите во политичкиот систем, техничката влада, се оние теми за кои ние би сакале да разгоравале. Дневниот ред, ако некој мисли да дополни со некои други теми, апсолутно е отворен, рече тој.
За клучните прашања за државата, Мицкоски очекува консензус од лидерствата на сите парламентарни коалиции.
- За правобранителот да разговараме. Да покажеме зрелост дека како политичари и како држава, можеме ете кога е предизвикот, посебно целта пред нас, а тоа е Европската Унија да разговараме отворено на сите тие теми, кои што немаме дијаметрално различни ставови. Нели велиме сите сме за таму, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија, имаат позитивно мислење од Канцеларијата на Европската комисија. Ајде да седнеме и да разговараме, рече Мицкоски.
Околу техничката влада, премиерот вели дека пред минатите избори и самите СДСМ кажале дека таа пред избори повеќе не е потребна. Вели, за разлика од претходно, оваа Влада покажува една широчина, која што е потребна особено во период кога се говори за суштински реформи, реформи на политички систем, но и оние кои се дел од реформската агенда за пристапување кон ЕУ. Потенцира дека за дел од нив потребен е консензус.
- Пред овие избори раководството на СДСМ велеше дека тие се за бришење на техничката влада, да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно. Мислам дека таков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени. Но, мислам дека како Влада треба да покажеме и една широчина која што е потребна во овој период, посебно кога зборуваме за некои суштински реформи, реформи на политичкиот систем, но и реформи кои се дел од т.н. Реформска агенда во процесот на пристапување кон ЕУ. Дел од нив се содржани во Стратегијата 2024-2030, а за дел од нив е потребен консензус, порача Мицкоски.
Премиерот истакна дека од аспект на бројки, по подолг временски период не била постабилна политичката состојба во Македонија.
- Долго време од аспект на бројки не била постабилна состојбата. Како Влада во рамките на Парламентот имаме речиси двотретинско мнозиство, близу 80-тина пратени кои ја поддржуваат работата на оваа Влада. На локалните избори, владината коалиција издвојува би рекол историска огромна победа, 70-тина градоначалници вклучително и Градот Скопје од 80 се дел од владината коалиција, истакна премиерот Мицкоски. фф/паг/
Фото: Принтскрин од видеоинтервјуто