• сабота, 22 февруари 2025

Во Скопје одржана конференција за проектот на БТА „Европа на Балканот: Заедно преку знаења“

Во Скопје одржана конференција за проектот на БТА „Европа на Балканот: Заедно преку знаења“

Скопје, 13 февруари 2025 (МИА) - Во просториите на прес-центарот на Бугарската телеграфска агенција (БТА) во Скопје, денеска се одржа конференција на која се посочија главните поенти на проектот на БТА, насловен „Европа на Балканот: Заедно преку знаења“, кој е поддржан од Европската комисија. Целта на проектот е да се пренесат знаењата на Бугарија за Европската Унија и можностите кои таа ги нуди на бугарските граѓани во Северна Македонија.

Генералниот директор на Бугарската телеграфска агенција (БТА) Кирил Влчев во своето обраќање на конференцијата рече дека станува збор за продолжение на проектот на БТА „Европа на Балканот: Заедничка иднина“, во чии рамки БТА со партнерството на Европската комисија ги презентираше европските политики за зближување на Бугарија со нејзините соседи.

-Европската Унија им помага на нејзините членки, затоа што има корист од секоја нејзина членка. Целта на овие средби е сите ние да дадеме взаемен придонес. Вакви дијалози ние веќе имавме во Босилеград во Србија и истите треба да продолжат во Белград, во Букурешт во Романија, во Едрене во Турција и во Солун во Грција. БТА во Скопје има за цел да ги пренесе знаењата на Бугарија за ЕУ ​​и можностите кои Унијата ги нуди на бугарските граѓани во Северна Македонија, затоа што Бугарија знае како е да се биде дел од Европската Унија и се обидува тоа да им го пренесе на луѓето во Северна Македонија, рече Влчев.

Тој информираше дека согласно Законот за бугарската телеграфска агенција, БТА е одговорна за обезбедување информации за животот на Бугарите кои живеат надвор од границите на Република Бугарија, како и за нивно информирање за настаните во земјата.

-Ваквите разговори имаат за цел да им дадат нови сознанија на бугарските граѓани во Северна Македонија, за нивните можности кои ги имаат како граѓани на ЕУ со нивните бугарски пасоши. Бугарското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека „огромен број на граѓани на Северна Македонија се стекнале со бугарско државјанство, признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет, додаде Влчев.

Тој ги потенцираше можностите кои ЕУ ги обезбедува во областа на образованието, како и за можностите во бизнисот кои ги имаат европските граѓани.

Како што напомена, знаењата во однос на овие вредности можат да и помогнат на Северна Македонија побргу да стане дел од Европската Унија, и сите нејзини граѓани да ги користат поволностите кои ги нуди Унијата.

Валчев потсети дека БТА потпиша договор за размена на вести со националните новински агенции од сите балкански земји, вклучувајќи ја и Медиумската информативна агенција (МИА).

Генералниот директор на Медиумската информативна агенција Драган Антоновски во своето обраќање на денешната конференција се осврна на новите провокации кои постојат во медиумската сфера, како што се лажните вести, непроверени информации, но и мултимедијалност и дигитализација.

Тој е на ставот дека регионалната соработка е суштинска, притоа најважно е да се соработува и разговара. Како што подвлече, мора да има дијалог, затоа што монологот не води никаде. Антоновски подвлече дека преку дијалогот треба да се елиминира говорот на омраза, неточни информации и пропагандата.

-За напредокот суштински е да постои размена на искуствата. Она со кое што МИА се соочува во моментот се новите провокации во информативната сфера. Ние се обидуваме да доминираме во тој простор. Сепак, суштината на добрососедските односи и на граѓаните е да можат да носат правилни одлуки и да се движат по вистинскиот пат, а тоа е возможно преку точната информација. Нашата цел, како МИА, е да помогнеме во пренесувањето на точни и проверени информации. Токму во таа насока потпишавме договор со БТА, кој има за цел размена на информации и искуства. Треба да седнеме да разговараме за анекс на тој договор, да влеземе посуштински во таа приказна, рече Антоновски.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас смета дека соработката меѓу Северна Македонија и Бугарија е важна сега повеќе од кога било.

Тој во своето обраќање на конференцијата посочи дека овој настан ја покажува посветеноста на двете земји во зајакнувањето на нивните билатерални врски и промовирање на регионалниот развој, економскиот раст и културната размена.

Оваа соработка, како што рече, е демонстрација на трајното партнерство кои постои меѓу двете нации и нивната заедничка визија за стабилна, просперитетна и европска иднина.

Рокас напомена дека процесот на интеграција не е само добивање на членство во Европската Унија, туку се работи за обезбедување на стабилност, мир и заеднички просперитет за сите.

-Европската Унија има развиено рамка за билатерална соработка со пет соседи на Северна Македонија - Албанија, Косово, Грција, Бугарија и Србија. Овие партнерства се засноваат на взаемно почитување, заеднички цели и посветеност на изнаоѓање заеднички јазик во справувањето со предизвиците. Постојат длабоки корени во соработката меѓу Бугарија и Северна Македонија. Таа започна уште пред нејзината официјална институционализација, со помош на прекугранични програми финансирани од Европската Унија. Во последниве години, постојат повеќе проекти кои дадоа значителни резултати. До денес се одобрени вкупно 184 проекти. Од нив, 178 се целосно завршени, додека шест проекти се во фаза на реализација. Дополнително, во наредните недели се очекува да бидат потпишани договори за субвенционирање на осум нови проекти. Постигнавме резултати во секторите образование и културата, заштита на животната средина, туризмот и културното наследство, економски развој и поддршка на бизнисот, рече Рокас.

Амбасадорот на Бугарија во земјава, Жељазко Радуков во своето обраќање на конференцијата потенцираше дека идејата на проектот „Европа на Балканот: Заедно преку знаења“ е да се запознаат граѓаните со можностите кои ЕУ ги нуди во однос на тоа како образованието, културата и бизнисот да бидат полесно достапни и возможни за сите.

Радуков истакна дека Бугарија е заинтересирана за заеднички развој на двете соседни земји. -Процесот не е секогаш лесен, но мораме да ги поставиме темелите, да градиме врски меѓу народите за да ги надминеме разликите, рече тој.

Тој нагласи дека еден од начините тоа да се случи е преку образованието. -Преку знаење и соодветни можности за младите, можеме да постигнеме социјален развој и нормални односи меѓу луѓето во двете земји, рече амбасадорот. Тој ја истакна и улогата на помош на невладиниот сектор и луѓето кои се занимаваат со култура, како и создавање финансиска независност за да можат да работат и да се развиваат.

-Бугарската помош за развој нуди значителни можности, но ние треба да ги научиме луѓето како ефективно да аплицираат. Важно е тоа да вклучува бугарски театри, кина, продуценти. На овој начин се создаваат невидливи врски меѓу луѓето, рече амбасадорот.

На конференцијата денеска учествуваа и свое обраќање имаа и проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, заменик ректор на битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Димитар Димитров, ректорот на Универзитет за национална и светска економија (УНСС), Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи и Марија Димишковска од „Едуцентар“. бт/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан