Во Музеј Кавадарци отворена изложбата „Откривање на нашата природа“
- Зорица Ташовска Илова, историчарка на уметност во Музејот, рече дека оваа прекрасна поставка не е само изложба на слики, ова е еден уникатен ликовен дијалог помеѓу три авторки кои иако различни по својот израз, се суштински поврзани. Тие, истакна, не водат на двонасочно патување. Едно што гледа кон пејзажите околу нас и друго што гледа длабоко во нас, во интимните предели на душата. Притоа, честитајќи им на авторките, нагласи дека оваа поставка е мозаик од техника и визии.
Кавадарци, 21 декември 2025 (МИА) - „Откривање на нашата природа“ е насловена изложбата што синоќа беше отворена во Музеј галеријата во Кавадарци, љубителите на уметноста имаат можност да ги видат делата на ликовните уметници Ивона Велковска, Катерина Филипоска Стефановска и Розета Картова.
Зорица Ташовска Илова, историчарка на уметност во Музејот, рече дека оваа прекрасна поставка не е само изложба на слики, ова е еден уникатен ликовен дијалог помеѓу три авторки кои иако различни по својот израз, се суштински поврзани. Тие, истакна, не водат на двонасочно патување. Едно што гледа кон пејзажите околу нас и друго што гледа длабоко во нас, во интимните предели на душата. Притоа, честитајќи им на авторките, нагласи дека оваа поставка е мозаик од техника и визии.
- Додека шетате низ галеријата ќе забележите три различни пристапи. Ќе видите неверојатен реализам. Делата што ги прикажуваат даровите на природата, сочните малини, капините, грозјето и сливите се насликани со таква прецизност, што речиси го будат чувството за вкус кај набљудувачот, подвлече таа.

Притоа додаде дека уметничкиот фокус е ставен на живоста на црвените и виолетовите тонови, слевајќи ја виталноста и циклусот на зреење.
Наспроти мазниот реализам, рече таа, изложбата нуди и дела каде што површината на платното оживува преку релјеф и текстура. Земјените тонови, окер нијансите и белата боја формираат органски облици што потсетуваат на бранови, песочни брегови или стилизирани флорални и животински мотиви, како афионот, грозјето и раскошната фигура на паунот.
- И конечно приказната се заокружува со енергијата на пејзажот. Од мирот на зелените шумски патеки, па се до динамичните сини вртлози на водата и космосот, овие слики играат со светлината движејќи се од импресија до геометриска и експресивна апстракција. Она што ги поврзува сите овие различни пристапи е една заедничка порака. Природата е во нас, исто колку што ние сме во неа, подвлече Ташовска Илова.

Таа потенцираше дека авторките создадоа простор каде различностите не се судираат, туку создаваат една хармонична целина.
Пред присутните во музејот се обратија и авторките на изложбата. Директорот на Музејот, Јаким Зимоски се осврна на успешноста во годината што изминува на културен план. Тој изрази задоволство, рече дека е една од најдобрите, на оваа културна институција, се успеало да се задоволат вкусовите на сите љубители на уметноста што биле дел од културните настани. Зимоски најави дека следната година, Музеј галеријата во Кавадарци ќе слави педесет години од постоењето на институцијата, со педесет настани. свд/аа/
Фото: МИА