• петок, 05 декември 2025

Во Кина отворена изложба на македонскиот уметник Иван Ивановски

Во Кина отворена изложба на македонскиот уметник Иван Ивановски

Скопје, 10 ноември 2025 (МИА) - Во Guangdong San Ta Museum of Art во Гуанџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември, беше отворена самостојната изложба „In Between“ на македонскиот уметник Иван Ивановски, соопштија попладнево од неговиот тим.

- Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на Фликер студио, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија. Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа прилика. Фотографиите се на Даниел Коцев - Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен, се наведува во соопштението.

Како што се појаснува, „In Between“ е простор, емоционална состојба, фрагмент од време, запис на едно патување - и физичко и концептуално - премин од Запад кон Исток, од една во друга реалност. Тоа е процес, се додава, транзиција во која секој чекор остава трага, што се манифестира преку делата.

- Тие ја рефлектираат на индивидуалната и општествената динамика, истражувајќи го менталитетот на масата и индивидуалниот ум. Иако секое дело стои самостојно - пренесувајќи различна нарација, истражувајќи идеја или шпекулирајќи со значење - нивното заедничко присуство создава сложени, испреплетени и често неочекувани резултати. Заедно, тие оформуваат повеќеслоен дискурс за перцепцијата, идентитетот и границите меѓу објективното и субјективното, се додава во соопштението.

Ивановски, роден 1983 година во Скопје, е визуелен уметник чија практика ги опфаќа скулптурата, цртежот, сликарството, инсталацијата, филмот и анимацијата.

- Дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2008), во 2014 година ја завршил академската програма по режија на Ф.А.М.У. во Република Чешка, а во моментов е на постдипломски културолошки студии на И.М.Л. Има реализирано бројни самостојни и групни изложби во Белград, Берлин, Њујорк, Амстердам и други градови. Активно работи во областа на анимацијата, автор е на скулптурите „Луѓе Птици“ во Градскиот парк во Скопје, како и на повеќе книги, меѓу кои Мезанин, Void, Симптоми и _cracy, се додава во соопштението. бд/са/

Фото: Даниел Коцев – Пазамат

Остани поврзан