Викендов во Скопје подигнати околу 80 кубни метри непрописно одложен отпад
- Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје викендов извршиле генерално чистење на целиот простор во внатрешноста на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и подигнале и транспортирале вкупно 30 кубни метри кабаст отпад и отпад од картонски пакувања одложени вон садовите наменети за одлагање на отпадот.

Скопје, 3 февруари 2025 (МИА) - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје викендов извршиле генерално чистење на целиот простор во внатрешноста на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Притоа подигнале и транспортирале вкупно 30 кубни метри кабаст отпад и отпад од картонски пакувања одложени вон садовите наменети за одлагање на отпадот.
Како што информира „Комунална хигиена“ - Скопје, за време на чистењето на терен присуствувал и в.д. директорот на ова јавно претпријатие Сабахадин Рустеми.
Екипите спровеле и активности за отстранување 50 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Кисела Вода, Карпош и Ѓорче Петров.
- Отстранета е дива депонија на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица) во општината Чаир, каде на аголот со улицата „Максут Садик“ се подигнати 10 кубни метри претежно мешан комунален отпад. Во оваа општина се расчистени и уште пет кубни метри непрописно одложен отпад на улицата „Џон Кенеди“, стои во соопштението.
Интервенирано е и на булеварот „Илинден“ во скопската општина Карпош, каде се отстранети 10 кубни метри мешан комунален и отпад од картонски пакувања одложени на јавна површина во непосредна близина на Зоолошката градина.
Екипите на „Комунална хигиена“ - Скопје подигнале и 15 кубни метри непрописно одложен отпад од картонски пакувања на улицата „Димо Хаџи Димов“ во општина Кисела Вода и 10 кубни метри кабаст отпад одложен на тревна површина на улицата „Христо Батанџиев“ во општина Ѓорче Петров. мд/ац/
Фото: ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје