• недела, 11 јануари 2026

Бардела најави нова иницијатива за недоверба на Еврокомисијата во пресрет на денешното гласање на Корепер за Договорот со Меркосур

Бардела најави нова иницијатива за недоверба на Еврокомисијата во пресрет на денешното гласање на Корепер за Договорот со Меркосур

Брисел, 9 јануари 2025 (МИА) – Лидерот на францускиот Национален собир и претседател екстремно десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ) во Европскиот парламент, Жордан Бардела синоќа најави нова иницијатива за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен во ЕП, овој пат поврзана со потпишувањето на Трговскиот договор меѓу ЕУ и Меркосур.

Ова би била четврта иницијатива за недоверба на ЕК во последниве шест месеци и се очекува и таа да биде одбиена како и претходните предлози. Две од претходните иницијативи беа на предлог на ПФЕ и на Левицата, во кои доминираат европратеници од Франција, па тие повеќе се толкуваа како внатрефранцуска пресметка на опозицијата со претседателот на Франција, Емануел Макрон.

Слични се оценките и овој пат, имајќи предвид дека Договор со Меркосур е важно прашање на политичката сцена во Франција, особено што негови жестоки противници се француските земјоделци, кои ниту една партија не би сакала да ги има како свои противници во пресрет на претседателските избори следната пролет и најверојатните нови парламентарни избори по нив.

Оттаму, синоќа се огласи и францускиот претседател Макрон, кој соопшти дека Франција на денешното заседание на Комитетот на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер) ќе гласа против потпишување на Договорот за слободна трговија со јужноамериканските држави од организацијата Меркосур.

Париз постојано инсистира на дополнителни заштитни мерки за француското земјоделство, дури и по формалното завршување на преговорите за Договорот, на што Еврокомисијата одговори со серија отстапки, не само за Франција, туку и за Италија, која исто така изразува загриженост за последиците по нејзиниот земјоделски сектор.

Но, француските земјоделски здруженија и натаму не се задоволни од отстапките и добиените гаранции и заедно со опозициските партии го обвинуваат Макрон дека „ги жртвува земјоделците пред геополитиката“.

Француските земјоделци, кои обвинуваат дека Договорот со Меркосур ќе донесе нелојална конкуренција и наплив на евтини јужноамерикански земјоделски производи на европскиот пазар, вчера одржаа нови протести блокирајќи ги со трактори пристапните улици кон Ајфеловата кула и Триумфалната капија во Париз.

Според најавите, покрај Франција против потпишување на договорот на денешната седница на Корепер ќе се изјаснат и Австрија, Ирска и Полска. Засега останува неизвесна позицијата на Италија, на чие и инсистирање потпишувањето на Договорот беше одложено од првично предвидениот термин 20 декември 2025 година, но според последните најави Рим е понаклонет кон гласање „за“.

Без поддршка на Италија, Франција не би можела да обезбеди т.н. „блокирачко малцинство“ и одлуката за потшишување на Договорот би била усвоена со потребното квалификувано мнозинство.

Доколку, Корепер го одобри потпишувањето, се очекува попладнево Советот на ЕУ официјално да ја овласти Фон дер Лајен да го потпише Договорот со Меркосур, по што останува одлуката уште да ја потврди и Европскиот парламент, каде исто така постои голем отпор кон документот.

ЕК се надева дека позитивна одлука и поддршка за Договорот од страна на земјите членки во рамките на Корепер ќе се одрази и врз расположението на европратениците и дека и тие би го поддржале потпишувањето.

Дополнителен проблем би можела да претставува најавата на некои европратеници дека ќе побараат мислење од Европскиот суд на правдата за правната усогласеност на договорот со документите на ЕУ, што би можело да го замрзне процесот со месеци.

Доколку, сепак, Фон дер Лајен ги добие сите потребни согласности, таа веќе следната недела би можела да отпатува во Парагвај на церемонија на негово потпишување. Со ова би завршила 26-годишната преговарачка сага за склучување на трговски договор меѓу ЕУ и Меркосур. сп/мс/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан