Андреј Ангелов од Зрновци и Александар Горгиевски донираа на штипското семејство Пешеви
- Андреј Ангелов од Општина Зрновци заедно со Александар Горгиевски од хуманитарната организација „Подај рака“ денеска донираа бела техника, кутии со храна и средства за хигиена на семејството Пешеви, кои лани на 1 ноември ја изгубија својата ќерка Емилија Пешева, односно беше убиена во непосредна близина на нивниот дом.

Штип, 24 јануари 2025 (МИА) – Андреј Ангелов од Општина Зрновци заедно со Александар Горгиевски од хуманитарната организација „Подај рака“ денеска донираа бела техника, кутии со храна и средства за хигиена на семејството Пешеви, кои лани на 1 ноември ја изгубија својата ќерка Емилија Пешева, односно беше убиена во непосредна близина на нивниот дом. Ангелов кој го фати светиот крст на Богојавление-Водици во Општина Зрновци вредносниот ваучер кој го доби од општината го донираше на Пешеви. Тој петта година по ред скока по крстот, а годинава беше најсреќен, па реши неговата желба од пред пет години да ја оствари и да донира.
-Ова е прв мој хуманитарен гест, се надевам дека ќе имам можности и сила да продолжам. Желбата ја имав на 14, 15 години кога ја загубив својата мајка. Денеска се донираше мојот ваучер со тоа што дониравме и храна, изјави Ангелов.
Освен денешната донација, хуманитарецот Александар Горгиевски преку неговата хуманитарна организација, ќе работи на целосно реновирање на собата во која живеела Емилија, а ќе се изгради нов тоалет. Горгиевски вели дека собата ќе биде за потребите на малолетниот син на Емилија, а семејството Пешеви по долги години конечно ќе добијат комплетно нов тоалет.
-Донесовме одлука по направениот увид во куќата на фамилија Пешеви, собата каде што Емилија живеела, која е во многу лоша состојба ќе биде комплетно реновирана и ќе биде ставена во употреба за детенцето на Емилија. Исто овие луѓе немаат тоалет и прв приоритет ќе биде да се направи ново комплетно купатило, изјави Горгиевски.
Слободан Пешев, таткото на Емилија вели ова е од големо значење за семејството, бидејќи факт е дека се сиромашни и не можат да си обезбедат подобри услови за живот.
-Такви луѓе во државата треба да ги има, да помагаат, им благодариме од срце, вели Пешев.
Дваесет и девет годишната Емилија беше убиена на 1 ноември 2024 година, во близина на нејзиниот дом, во напуштен објект на ЈП „Исар“. Судењето против нејзиниот убиец, кој го призна делото е закажано на 10 февруари во Основниот суд во Штип.вдј/
Фото: МИА