Американскиот пратеник за Украина и Русија ги посети ранетите украински војници во воената болница во Ирпин
- Американскиот специјален пратеник за Украина и Русија Кит Келог ги посети ранетите украински војници во воената болница во Ирпин

Киев, 22 февруари 2025 (МИА) - Американскиот специјален пратеник за Украина и Русија Кит Келог ги посети ранетите украински војници во воената болница во Ирпин, јави Укринформ.
Келог информира дека за време на посетата го придружувала американската амбасадорка во Украина, Бриџит Бринк.
„Денеска со амбасадорката Бринк имавме емотивна посета на украинската воена болница во Ирпин за да се сретнеме со ранетите војници. Присуството со овие херои е причината поради која претседателот Трамп е апсолутно во право што сака да ја заврши оваа војна“, напиша Келог на социјалната мрежа Икс.
Келог пристигна во Киев на 19 февруари, каде што оствари средби со високи украински функционери, меѓу кои претседателот на Врховната Рада, Руслан Стефанчук, премиерот Денис Шмигал и министерот за надворешни работи, Андриј Сибига.
Во четвртокот, Келог се сретна и со претседателот Володимир Зеленски, со кого разговараа за безбедносни прашања и размена на затвореници меѓу Русија и Украина. ссм/
фото: принтскрин