• петок, 29 март 2024

Гимнастиката во Битола во 1869 година и денес

Гимнастиката во Битола во 1869 година и денес

Битола, 12 март 2023 (МИА) - За гимнастиката во Битола како спортска активност почнува да се зборува во 1869 година, кога се воведуваат реформи во образованието и кога на сила стапил Законот за народно образование. Со овој Закон, гимнастиката станува задолжителен предмет на часовите посветени на спортски активности.

Според истражувањата на спортскиот новинар Димче Миновски, кој ја објави книгата „Гимнастиката во Битола“, прв македонски учител по физичко воспитување бил Стефан Ролев, роден во 1865 година, во селото Врбени, учесник во Илинденското востание и во ослободителните борби на македонскиот народ, на кој, како што вели Миновски, Господ му даде живот 104 години и 113 денови и починал на 24 декември 1969 година во Битола.

- Стефан Ролев или како што бил наречен „Железниот Ролев“, во 1905 година го основал гимнастичкото друштво „Пелистерски јунак“ и се занимавал со низа спортови: гимнастика, акробатика, атлетика, дигање товар, пеливанство, бокс, велосипедизам и планинарство. Иако во тоа време владеел младотурскиот режим, сепак Ролев непречно организирал планинарски походи до Пелистер, егзибиции на велосипедисти, а како сестран спортист често бил регистриран од камерата на Милтон Манаки. Гимнастичкото друштво „Пелистерски јунак“ своето име во Битола го чува до 1944 година, а по војната се именува како гимнастичко друштво „Партизан“. Така е и денес, појаснува спортскиот хроничар  Миновски.

Друштвото за гимнастички спортови „Партизан“-Битола, работи во објект на некогашната Соколана, изградена во 1932 година. Внатрешноста на објектот денес е исполнета со современи справи за гимнастичарите од Битола кои секојдневно се подготвуваат за домашни и меѓународни натпревари. Нивниот мотив се успесите на нивните претходници.

Во книгата „Гимнастиката во Битола“ осврнувајќи се на бројни домашни и меѓународни натпреварувања, бројки и факти кои зборуваат за младите гимнастичарки и гимнастичари од Битола, Миновски потсетува дека за прв претседател на Гимнастичкиот сојуз на Македонија во 1948 година бил избран битолчанецот Диме Бојановски. Во редот на првите, ретките ја вбројува и Вера Трајкова, прва пионерка од Битола која учествувала на републички натпревар за гимнастика и Марија Страчкова, прва жена гимнастичарка која во 1966 година е избрана за спортистка на годината на градот Битола.

- Жените и мажите, или ако сакате девојчињата и момчињата покажувале еднаков интерес за гимнастиката и различните дисциплини што ги содржи. Првиот поголем јубилеј, 20 години од постоењето на ДТВ „Партизан“ во кое тогаш членуваа 700 гимнастичарки и гимнастичари е одбележан со голем слет. Во 1966 година гимнастичарката Марија Страчкова е избрана за спортист на Битола, а во исто време видлив е ангажманот и заслужува да се истакне гимнастичкиот работник Ристо Митковски кој според сеќавањата на неговиот син Александар Митковски, својата кариера ја почнал во Прилеп во 1939 година, а по завршувањето на војната во која бил активен партизан, се вратил во Битола и продолжил со гимнастика да пренесува знаење и вештини. Ристо Митковски бил креативен во изработката на сценарија за слетовите во Битола и Македонија, а посебно импресивен бил слетот организиран во 1966 година кога учествувале 7.000 ученици, како и неговата слетска вежба „Рудари“ која во 1974 година е изведена на слетот во Белград за денот на младост 25. Мај, нагласува Миновски, кој воедно и јавно се заблагодарува што издавањето на книгата, финансиски го поддржа Александар Митковски.

Книгата „Гимнастиката во Битола“ е публикувана на 188 страници во кои освен богат пишуван материјал има и бројни фото илустрации со над 150 фотографии кои авторот ги обезбедил во процесот на истражување во Историскиот Архив и Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“. Податоците со успесите на битолските гимнастичари дополнително се вреднуваат затоа што се забележани од светски познати гимнастичари кои посветиле внимание и почит за што сведочат фотографиите со прославениот словенечки гимнастичар Мирослав Церар, како и со светскиот и олимписки шампион Шен Јубинг од Кина.

- На страницата број 136 е поместена химната со наслов „Смели и одбрани“, со која почнуваат и завршуваат сите натпревари на Федерацијата на гимнастички спортови на Македонија. Химната ја напишав буквално за две минути. Такви сме ние новинарите, не спиеме, а кога идејата извираше во моите мисли, веднаш изустувајќи ги зборовите се снимив на мојот диктафон, а потоа ја ставив на хартија. Химната ја испеа хорот на КУД „Стив Наумов“-Битола, а таа прекрасно прозвучи и на промоцијата на мојата книга што се одржа во битолскиот Офицерски дом, ни рече Миновски.

Спортскиот новинар и хроничар Димче Миновски, е автор и на книгите „Фудбалот во Битола низ децении“, „Боксот во Битола“, „Најдобри меѓу најдобрите“-хронологија на изборот на најдобрите спортисти на Битола, „Ракометот во Битола“ и „Атлетиката во Битола“, но автор е и на неколку романи, како и на јубилејната монографија „Радио Битола“ каде работеше се до пензионирањето.

Марјан Танушевски

Остани поврзан