Kадровски промени во образовните институции во Дебар
- Во општина Дебар почнаа кадровските промени во образовните институции кои, според градоначалникот Фисник Меља, треба да завршат следната недела.
Дебар, 2 јануари 2026 (МИА) – Во општина Дебар почнаа кадровските промени во образовните институции кои, според градоначалникот Фисник Меља, треба да завршат следната недела.
Нов директор на гимназијата „28 Ноември“ е Аргетим Трепча, долгогодишен професор по математика во оваа образовна институција. Тој доаѓа на местото на Рамадан Имери. Претходно нов дирекор доби Општинското основно училиште „Ристе Ристевски“ во Долно Косоврасти - Арменд Незири, на местото на Шанија Ајроски, кој заминува во пензија.
-Смената на директорите ќе продолжи. Во понеделник тоа ќе биде во ООУ „Пенестија“, најголемата деветолетка во поширокиот регион, а потоа и во ООУ „Саит Најдени“. Сакаме да донесеме нова енергија, доволно беше еден директор да биде на таа функција 10 до 15 години, иако постигнувал позитивни резултати, рече Меља.
Негов став е дека на младите, образовани и способни кадри, треба да им се даде можност да се докажат во работата.
Пример за тоа е претходно назначениот директор на Јавното комунално претпријатие „Стандард“, Нертил Османи кој, посочи градоначалникот, презеде иницијатва и комуналците го светнаа градот, отстранувајќи ги депониите кои го нагрдуваа особено централното градско подрачје.
Промени ќе има и во општинската администрација, како дел од процесот на консолидација на локалната самоуправа, која „мора да биде во служба на граѓаните во вистинска смисла на зборот“. вт/хс/
Фото: МИА архива