Министерот за одбрана на БиХ бара разрешување на амбасадорот во Србија поради „антибосански“ изјави
- Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, го повика Претседателството на Босна и Херцеговина да ја започне постапката за разрешување на амбасадорот на Босна и Херцеговина во Србија, по, како што изјави, „скандалозни“ и „навредливи“ изјави против Босна и Херцеговина.

Сараево, 29 април 2025 (МИА) - Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, го повика Претседателството на Босна и Херцеговина да ја започне постапката за разрешување на амбасадорот на Босна и Херцеговина во Србија, по, како што изјави, „скандалозни“ и „навредливи“ изјави против Босна и Херцеговина.
Амбасадорот Александар Врањеш предизвика контроверзии со изјавата за српската агенција Танјуг дека е „српски амбасадор“ и дека не поднесува извештаи до Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина.
Врањеш, исто така, тврдеше дека Босна и Херцеговина е „државен сојуз на ентитети“ и дека Министерството за надворешни работи во Сараево има само „техничка надлежност“ во водењето на надворешната политика.
„Јас сум српски амбасадор во Босна и Херцеговина. Мене не ме бираше никој во Сараево. Претседателот на Република Српска не предложи сите нас, српските амбасадори, на член на Претседателството од редовите на српскиот народ“, рече Врањеш.
Тој додаде дека „сега нема потреба да се симулира нешто. „Времето на Југославија помина и нема потреба да се симулира дека јас го претставувам политичкото Сараево“, рече Врањеш.
На новинарско прашање дали испраќа извештаи до Сараево, тој одговори дека не поднесува извештаи до Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина и дека „одговара само на Бања Лука“.
Во објава на Фејсбук, Хелез истакна дека Врањеш ја претставува Босна и Херцеговина како целина, а не кој било ентитет, и предупреди дека амбасадорите мора да го заштитат достоинството и единството на земјата што ја претставуваат.
„Амбасадорот Врањеш е амбасадор на Босна и Херцеговина, а не српски амбасадор, како што самиот тврди. Тој е назначен од Претседателството на БиХ, кое има уставно овластување да го разреши“, рече Хелез.
Тој нагласи дека амбасадорите на Босна и Херцеговина не смеат да застапуваат „антибосанска и сецесионистичка политика“, туку мора да работат на зајакнување на меѓународната позиција на земјата и градење дипломатски односи. паг/
Фото: МИА архива