• понеделник, 23 декември 2024

„Фридом хаус“: Северна Македонија бележи напредок, но и натаму е делумно слободна земја

„Фридом хаус“: Северна Македонија бележи напредок, но и натаму е делумно слободна земја
Скопје, 4 март 2020 (МИА) - Северна Македонија во изминатата година забележа напредок во политичките права и граѓанските слободи, но и натаму останува во групата на делумно слободни земји, покажува најновиот извештај американската невладина организација „Фридом хаус“ за слободата во светот во 2020 година. На скалата од 1 (најлошо) до 100 (најдобро), земјава се наоѓа на 63-то место, што е за четири позиции подобро во однос на извештајот за 2019 година. „Фридом хаус“ наведува дека „во Северна Македонија лани се одржани фер и демократски претседателски избори, кои помогнаа да се поправи штетата од недемократското владеење на поранешниот премиер Никола Груевски“. Од земјите во регионот, во групата на слободни држави се Словенија, Хрватска, Грција и  Бугарија, а Албанија, Србија, Црна Гора, Косово, БиХ се делумно слободни земји рангирани меѓу 53-то и 67-то место. Од 195 земји во светот опфатени во анализата на „Фридом хаус“, 83 се означени како слободни, 63 како делумно слободни, а 49 неслободни. Листата најслободни земји ја предводат Норвешка, Шведска, Финска и Холандија. Најлошо позиционирани се Сирија, Јужен Судан, Северна Кореа, Саудиска Арабија и Либија. Бројот на слободни земји годинава е помал за три проценти, а на делумно слободните и неслободните е зголемен за два отсто. „Фридом хаус“ забележува пад на демократијата во целиот свет и тоа не само во земјите со авторитарни режими, туку и во држави кои имаат долгогодишна демократска традиција. Политичките и граѓанските права се загрозени, популистичките лидери и партии ги засилиле нападите врз независните институции, а во многу земји демократијата е под закана.дма/са/  

Остани поврзан