• петок, 22 ноември 2024

Џафери од ПС на ПСЈИЕ во Атина: Северна Македонија и покрај сиот вложен труд сè уште е во очекување на првата меѓувладина конференција со ЕУ

Џафери од ПС на ПСЈИЕ во Атина: Северна Македонија и покрај сиот вложен труд сè уште е во очекување на првата меѓувладина конференција со ЕУ
Атина, 2 јуни 2022 (МИА) – И покрај сиот вложен труд во воспоставувањето на добрососедски односи и почитување на основните принципи на меѓународното право и поредок, Република Северна Македонија, сè уште е во очекување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, истакна претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери во неговото обраќање на деветтата пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), јави дописничката на МИА од Атина. Парламентарното собрание се одржува во Атина во рамките на грчкото претседавање со Процесот, а учествува и собраниска делегација од Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Собранието, во чиј состав се пратениците Мартин Костовски, Павле Трајанов и Артина Ќазими, а Џафери се обрати на Генералната дебата на Пленарната седница на тема „Целите за одржлив развој за животната средина. Влијанието на кризата врз Југоисточна Европа: безбедност на снабдувањето со енергија и синџирот на земјоделско- прехранбени производи“. Џафери се осврна на важноста на регионалната соработка, како и важноста на парламентарната дипломатија и улогата на парламентите со меѓусебна, регионална, интерпарламентарна соработка во насока на постигнување на цврста стабилност, напредок и благосостојба во Југоисточна Европа. -Морам со жалење да потсетам дека Република Северна Македонија, и покрај сиот вложен труд во воспоставувањето на добрососедски односи и почитување на основните принципи на меѓународното право и поредок - како што е утврдено во Повелбата на Обединетите нации, се уште е во очекување на првата меѓувладина конференција со Европската унија. Тоа што го очекуваме од ова Парламентарно собрание е да продолжи да дава поддршка во согласност со правото и вредностите на Европската унија, на кои и се заснова. Затоа што, само заедно, солидарно и на еднакво рамниште ќе можеме да се справиме со сите предизвици кои ги предизвикуваат ефектите што климатските промени ги носат во различните сфери од животот, меѓу кои предничат и безбедноста на снабдувањето со енергија и земјоделско - прехранбениот синџир, истакна Џафери. Додаде дека глобалните, регионалните и националните трендови што се појавуваат, влијаат и врз развојот на нашата земја, потенцирајќи дека иако не сака да звучи песимистички, сепак, „предвидувањата се дека енергетската и прехранбената криза нема да се намалат, туку напротив, ќе се зголемат“. -Ние мораме да бидеме подготвени заеднички, координирано и со што помалку штети да ги надминеме тие предизвици. Затоа, синергијата што се воспоставува на овој форум и на сите други меѓународни форуми е од суштинска важност за развој и благосостојба на државите и нашите граѓани, потенцираше претседателот на Собранието. Истакна дека тој лично е голем поборник на парламентарната дипломатија, затоа што смета дека „како пратеници сме во подобра позиција да ги артикулираме аспирациите на нашите граѓани и да истакнеме што им е навистина важно“. Додаде дека заедно со извршната власт, имаат одговорност за националниот напредок кон постигнување на целите на одржливиот развој. -Свесни сме дека во моментов сме насред глобална криза од неодамнешните предизвици на главните аспекти во секојдневниот живот, меѓутоа, и на тоа дека постојат современи закани за човековите права. Тоа е мотив плус да соработуваме уште поинтензивно. Да се консултираме, да размениме мислења и искуства за поефективно постигнување на целите на одржливиот развој, меѓутоа да внесеме и иновации и техничка поддршка за неоптоварен промет на есенцијалните земјоделско - прехранбени продукти, со употреба на постојните регионални платформи, како и механизмите на Европската унија, порача Џафери. Потенцираше дека Република Северна Македонија е една од 193 земји кои и официјално ги усвоија Целите на одржливиот развој од Агендата 2030 за одржлив развој, усвоена на Генералното собрание на ОН во септември 2015 година, објаснувајќи дека Агендата претставува збир од 17 сеопфатни цели за одржлив развој, придружени со 169 специфични цели, „чија крајна цел е искоренување на сиромаштијата, крај на нееднаквоста, градење мир и справување со климатските промени до 2030 година, притоа осигурувајќи дека никој нема да биде изоставен“. -Како резултат на тоа, во јули 2020 година го презентиравме и нашиот Доброволен национален преглед пред Високиот политички форум за одржлив развој. Пристапувањето беше поддржано од нашите национални институции, при тоа и од законодавниот дом, кој има клучна улога во поглед на вградувањето на целите на одржливиот развој во националното законодавство, објасни Џафери. За Парламентарното собрание на Просецот за соработка во Југоисточна Европа, рече дека  „продолжува да биде автентичниот глас на регионот и форумот во кој се одвива политичкиот и дипломатскиот дијалог помеѓу земјите членки на ова Собрание“. -Ова е местото каде што правиме напори да градиме добрососедски односи помеѓу нас и да соработуваме, затоа што со тоа се зацврстува стабилноста и безбедноста на регионот, кои се основните постулати на основачката Повелба на Процесот од Букурешт. А тие се во моментов загрозени повеќе од кога било, и затоа овој денешен наш собир е повеќе од добредојден, истакна претседателот на Собранието, изразувајќи надеж дека заедно со неговите колеги од земјите од ЈИ Европа ќе имаат плодна дискусија. По дискусијата на шефовите на делегациите, на крајот на деветтата Пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ се очекува учесниците да усвојат финална декларација. Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската унија. Од јули годинава, ротирачкото претседателство од Грција го презема Црна Гора. ср/ац/

Остани поврзан