• недела, 21 јули 2024

Јубилеј 40 години „Порака нова“, над 40 лица со попреченост вработени со нивно посредување

Јубилеј 40 години „Порака нова“, над 40 лица со попреченост вработени со нивно посредување

Струга, 23 февруари 2024 (МИА) - Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуални попречености и нивните фамилии „Порака нова“ од Струга денеска одбележува 40 години од постоењето посветено на заедницата и креирање позитивни промени кај маргинализираните групи.

Центарот, како што информира Росица Стојковска -Живковска, маркетинг менаџер, од 1984 година, па до ден денеска, е во мисија да ги зајакне лицата со попреченост, да ги охрабри младите да напредуваат професионално и лично, како и да ги поттикне социјалните иновации во општеството.

- Патот од 40 години го карактеризираат издржливост, посветена работа и безброј инспиративни приказни за трансформација. Од рушење на бариерите до поттикнување инклузија, сведоци сме на силата што произлегува од единството и различноста на оваа организација, изјави Стојковска - Живковска.

Со 40 годишното постоење, „Порака нова“, додаде, досега организирала повеќе од 1.000 настани на локално и интернационално ниво, 10 години успешно е партнер во продажбата на списанието на „Лице в лице“, а го имаат и првиот вработен продавач.

- Организацијата има имплементирано повеќе од 150 проекти во партнерство со земји од Азија, Европа и Африка. Услугите досега ги имаат користено повеќе од 1.000 лица со попречености, а над 40 лица со попречености се успешно вработени преку посредување на „Порака нова“ со општествени одговорни компании, потенцира Стојковска - Живковска.

„Порака нова“, нагласи, ќе продолжи да ги охрабрува и зајакнува сите позитивно да влијаат во својата заедница.

-Ајде да продолжиме да иновираме, да промениме нечиј живот на подобро, да се залагаме за маргинализираните групи и да создаваме свет во кој секој има можност да учествува и блесне - е главната порака на оваа организација, вели Стојковска - Живковска. сс/цр

Фото „Порака нова“.

Остани поврзан