• вторник, 24 декември 2024

Јубилејно издание на детскиот музички фестивал „Распеано симитче"

Јубилејно издание на детскиот музички фестивал „Распеано симитче

Крива Паланка, 24 декември 2024 (МИА) - Нови седумнаесет песни вечерва на сцената на Центарот за култура во Крива Паланка ќе бидат промовирани на детскиот музички фестивал „Распеано симитче".

- Денес започнува јубилејното, десетто, издание на детскиот фестивал што низ годините успеа да изгради музичка култура за најмладите и возрасните во градот и регионот, промовирајќи локални автори на текстовите, музиката и аранжманот, етаблирајќи млади изведувачи и талентирани дечиња што ги интерпретираат песните, а тука се и членовите на хорот што го комплетираат целиот сценски настап. И годинава публиката ќе ужива во нови 17 хитовски рефрени, што се надевам, како секогаш, ќе продолжат да се пеат меѓу дечињата во секоја пригода за забава и дружба, изјави Методи Цветковски од Центарот за аудиовизуелни уметности кој е организатор на фестивалот.

Фестивалот се одржува под покровителство на Општина Крива Паланка, во ко-организација со Центарот за култура од Крива Паланка.

Организаторите најавија по две дневни и две вечерни изведби за публиката, денес и утре, од 12 и 18 часот.

- Певливи рефрени и забава следуваат со најновите песнички во изведба на распеаните и разиграни солисти во придружба на хорот „Симитчиња". Музика, радост и вистинско празнично доживување за целото семејство. Бидете дел од магијата на „Распеано Симитче 2024", порачуваат организаторите.

Билетите може да се купат на билетарницата на Центарот за култура,  а фестивалот е дел од манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата за 2024". ид/бак/


Фото: "Распеано Симитче"

Остани поврзан