• четврток, 04 декември 2025

ЈП „Шар“ со обид што поскоро да се пушти системот од Лешница за да има повеќе количини вода во Тетово

ЈП „Шар“ со обид што поскоро да се пушти системот од Лешница за да има повеќе количини вода во Тетово

Тетово, 28 октомври 2025 (МИА) - Јавното претпријатие „Шар“ од Тетово информира дека се работи на новиот водоснабдителен систем со цел да се добијат дополнителни 150 литри вода во секунда за да се нормализира водоснабдувањето во градот.

Тетовската водоводна мрежа користи само 240 литри вода во секунда од изворите на Попова Шапка и четири бунари, а за оптимално снабдување со вода се потребни 350 литри вода во секунда. Поради оваа состојба сè уште во одредени делови во градот има недостиг на вода, велат од јавното претпријатие за водовод „Шар“ од Тетово.

Во неделата двата водоводни системи беа исклучени поради заматеност на водата за пиење по интензивните врнежи од дожд. По разбистрување на водата во употреба е пуштен само стариот систем кој носи вода од Попова Шапка и четирите бунари, додека новата водоводна линија од Лешница овие три дена е целосно исклучена. По пуштањето на стариот систем надлежните препорачаа водата да не се пие поради заматеноста.

- Од новиот водоснабдителен систем од Лешница во моментот може да добиеме 150 литри вода во секунда, но потребно е да водата да се надмине проблемот со матноста. Интензивно се работи и се очекува во текот на попладневните часови да биде пуштена и таа линија во употреба. Сепак апелирам и понатаму да не се користи за пиење водата сè додека не ги добиеме микробиолошките анализи за квалитетот на водата, изјави Ваљон Зеќири, директор на ЈП „Шар“ – Тетово.

По секој обилен дожд пречистителната станица за новиот водоснабдителен систем автоматски го прекинува дотокот на вода од Лешница доколку во цевките пристигнува заматена вода.

Вчера од Одделението по хигиена и здравствена екологија при Центар за јавно здравје Тетово информираа дека водата за пиење има исправни физичко-хемиски параметри, а микробиолошките резултати од испитувањата за квалитетот ќе се дознаат во среда. ас/сст/
фото МИА архива

Остани поврзан