„Отворен ден со Царинската управа“ во Куманово
- Целта, како што објаснуваат од Царинската управа е да се подигне свеста кај граѓаните за улогата што ја има оваа институција во заштитата на економијата и безбедноста на државата.
Куманово, 25 март 2026 (МИА) - Во пресрет на одбележувањето на 14 Април – Денот на Царинската управа, денеска на градскиот плоштад во Куманово граѓаните и младите присуствуваа на „Отворен ден со Царинската управа“. Целта, како што објаснуваат од Царинската управа е да се подигне свеста кај граѓаните за улогата што ја има оваа институција во заштитата на економијата и безбедноста на државата.
Посетителите имаа можност одблизу да се запознаат со различните задачи кои ги извршуваат мобилните царински тимови, како и опремата што ја користат во секојдневната работа. Програмата опфати демонстрирање на вештините на царинските кучиња, како и претставување на специјализираната опрема, вклучувајќи скенер за товарни возила, којашто се користи за откривање стоки што се предмет на криумчарење.

-Од денеска од Куманово ја стартуваме нашата активност по повод на 14 април, Денот на царинската управа на Република Македонија. Денеска ни е прв настан, сакаме да им ја доближиме оперативната работа на нашите царински службеници, пред сè кон најмладите, гледам дека има навистина преголема заинтересираност од нашите млади. Присутни се мобилните царински тимови, оперативни служби, оперативното одделение попознато како мобилна царина, тука сме заедно со началникот и дел од колегите коишто на лице место ќе презентираат на присутните граѓани секојдневната работа- изјави директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

Младите, преку директната презентација и демонстрација се информираа за тоа што значи царинска постапка, проследија и презентација на кучињата К9, скенери за пратки, големиот скенер наменет за големи товарни возила.

-Би сакал да напомнам дека оваа што го работиме денес го работиме од неколку аспекти. Имаме своја визија како Царинска управа и сакаме да им се доближиме младите луѓе и да го промениме размислувањето и на граѓаните за Царинската управа и на самата управа кон граѓаните, особено кон младите. Сите во еден момент ќе се сретнат со работата на Царинската управа и со царинската постапка со самото излегување на премините- објасни Николовски.
На овој начин смета тој ќе се зајакне довербата. Царинската управа има неколку аспекти и е една од клучните институции, додаде Николовски, која го полни го полни буџетот од кој граѓаните добиваат подобри патишта, болници, училишта, градинки, укажувајќи дека последниве две години постигнати се исклучителни резултати.

- Преку оперативната служба, преку мобилната царина, преку секторот за контрола и истраги и кога ја зборуваме дека имаме царински записници на наркотични средства, на оружје,на лекови, зборуваме дека нашите семејства можат помирно да спијат затоа што сето тоа не влегло во државата или е анулирано. Но третото и не помалку важно е ова зближување на Царинската управа приближување кон нашите сограѓани- посочи Николовски.
Тој потенцира дека е важно да се промени „мислењето на поединци“ останато од минатото и да се информираат колку е важна институцијата за македонскиот буџет, царината да стане блиска со граѓаните, со партнерите, со транспортерите, коминтеттите, увозниците, извозниците.

-Морам да кажам дека во моментов работиме на толку проекти што десетина петнаесет години наназад во исто време не сработиле во Царинската управа толкав број на проекти како што сега работиме од аспект на дигитализација. Сакаме да ги подобриме условите на Царинската управа а со тоа ќе ги подобриме условите за подобрување на брзината и квалитетот на царинската постапка- објани Николовски.
„Отворени денови“, Царинската управа ќе организира и во Скопје. ам/вј/
Фото: МИА