• среда, 15 мај 2024

ЈП „Водовод“ Куманово ќе набавува водомери, градежни машини и ќе инвестира во филтер станицата

ЈП „Водовод“ Куманово ќе набавува водомери, градежни машини и ќе инвестира во филтер станицата

Куманово, 3 јануари 2024 (МИА) - ЈП „Водовод“ Куманово ја очекува набавката на нова градежна машина-цистерна под притисок, во рамки на прекуграничен проект со претпријатие од Врање, Република Србија. Како што информираа од кумановското  претпријатие, машината чини околу 150.000 евра и е неопходна за нивната работа. Избран е понудувач и се чека да се на достава.

-Како најавен проект планиран за реализација во 2024-та година е проектот за набавка, транспорт, вградување и пуштање во употреба на водоводна линија и хидрорегулациона и електро опрема за реконструкција и одржување на процес на производство на дистрибуција на вода за пиење на филтер станица на град Куманово. За проектот обезбедени се милион и 250.000 евра преку Министерство за животна средина и просторно планирање. За овој проект општината веќе изработи апликација, се надеваме дека во најскоро време проектот ќе биде одобрен од Министерството и ќе биде распишана постапка за избор на изведувач кое се спроведува преку Министерството, изјави директорот на „Водовод“, Оливер Стојмановски.

Оваа година, како што изјави Стојмановски, се очекува да почне со реализација и втората фаза од проектот за замена и инсталација на куќни, комбинирани, индустриски и ултразвучни водомери и нивна интеграција во систем за далечинско отчитување во системот за водоснабдување, каде е предвидена е набавка на 10.000 водомери.

-Вредноста на проектот е некаде околу милион евра. Веќе имаме подготвено техничка документација, ревидиран е проектот и со него ќе се аплицира наскоро, изјави Стојмановски.

Претходно, претпријатието во 2018/2019 постави над 10.000 водомери во централното градско подрачје. Водомерите имаат радиско отчитување и прецизно ја мерат испорачаната вода до крајните корисници. Со нив се овоможува прибирање и обработка на податоците во софтвер за отчитување, мониторинг и визуализација. Врз основа на прибраните податоци, претпријатието спроведува дневни, неделни, месечни и годишни анализи на потрошувачката и загубата на вода во целата водоводна дистрибутивна мрежа. Сега, како што појаснија надлежните, ќе биде опфатен поголем дел од градот.

Претпријатието, преку североисточниот плански регион ќе набави и нова опрема, за што ќе се одвојат од 60 до 80 илјади евра, а од сопствени средства е предвидена набавка на лесни возила. ам/ев/


ФОТО: МИА и МИА архива

Остани поврзан