• понеделник, 23 декември 2024

Јовески: Изненадувачки беше тоа дека предлогот за уставен судија е повлечен без да се наведат основни причини за тоа

Јовески: Изненадувачки беше тоа дека предлогот за уставен судија е повлечен без да се наведат основни причини за тоа

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) – Поранешниот државен јавен обвинител кој беше кандидат за избор на уставен судија, Љубомир Јовески, за кого денеска од Собранието информираа дека е повлечен предлогот, во изјава за МИА вели дека е изненаден дека предлогот беше повлечен без да се наведат основни причини за тоа. 

- Изненадувачки, вулгарно беше тоа дека предлогот е повлечен без да се наведат основни причини за тоа. Пристојно е да се дадат два три збора. Нанесена ми е штета, ако не сметале дека може процесот до крај да го водат, не требало да ме предлагаат, бидејќи бев изложен на непотребни напади, вели Јовески.

Тој рече дека сметал дека процесот е завршен, бидејќи веќе година и половина не се покренувало ништо.

- Бидејќи таа работа година и пол не се покренуваше пред Комисјата за избор и именување сметав дека е завршено, односно дека нема ништо од предлогот за уставен судија, затоа што тие ако сакаа да го завршат тоа имаа време и можности, рече тој. 

Јовески вели дека е изненаден како тоа денеска беше изведено, односно, дека претседателката на Комисијата на денешното 25 продолжение на 13. Седница на Комисијата за избор и именување само соопшти дека предлогот е повлечен без да каже повеќе детали.

- Воопшто во оваа година и пол со никого не комуницирав во врска со предлогот, а врз основа на моето досегашно искуство сметав дека нема потреба со некого да комуницирам, ниту некого околу тој дел да прашувам што станува со предлогот, рече Јовески.

Тој дополни дека е горд што е еден од двајцата обвинители кој го завршил  шестгодишниот мандат и, како што рече, во моментов е посветен на прашања од неговата професија. ар/ац/
Фото:МИА архива 

Остани поврзан