Јаневска: Владата дејствува и ќе дејствува од позиција на третман на културните различности како светско богатство
- Во годината кога славиме 80 годни од стандардизацијата на македонскиот јазик, убаво е уште еднаш да се потсетиме на зборовите на Блаже Конески, кој вели: „За нас јазикот претставува, со сè што е на него создадено како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина.“ Неговата мисла ја потенцирам сега и тука, затоа што и оваа меѓународна македонистичка конференција која ја организира Институтот за македонска литература при УКИМ со поддршка на Министерството за образование и наука, става акцент токму на пишаниот книжевен текст и на неговите врски со говорната традиција, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на Меѓународната научна конференција „Книжевни проекци 2025: Година на значајни јубилеи“.
Скопје, 25 септември 2025 (МИА) - Во годината кога славиме 80 годни од стандардизацијата на македонскиот јазик, убаво е уште еднаш да се потсетиме на зборовите на Блаже Конески, кој вели: „За нас јазикот претставува, со сè што е на него создадено како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина.“ Неговата мисла ја потенцирам сега и тука, затоа што и оваа меѓународна македонистичка конференција која ја организира Институтот за македонска литература при УКИМ со поддршка на Министерството за образование и наука, става акцент токму на пишаниот книжевен текст и на неговите врски со говорната традиција. Ова денеска го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на Меѓународната научна конференција „Книжевни проекци 2025: Година на значајни јубилеи“.
Обединети, како што рече, ја славиме посебноста на македонскиот народ, преку истакнување на делото на писателите и писателките кои се трајно запишани во историјата на македонската книжевност.
- Овој пат, тоа се главно писателите родени во четвртата деценија од 20 век, бидејќи, тогаш се родени многу од авторите што ќе придонесат за жанровската, поетска и стилска разновидност и за развојот на современата македонска книжевност. Секако, не ги забораваме и сите други кои се родени и делувале во други временски периоди, оставајќи печат и помагајќи во афирмацијата на македонската книжевност. Ако ги гледаме бројките, македонската книжевност е „мала“ книжевност. Но, истовремено и голема, ако ја гледаме низ призма на создадените книжевни ремек-дела. Токму затоа што македонските говорители не се многубројни, ние како Влада имаме за цел да ја зголемиме нејзината видливост во светски рамки, истакна Јаневска.
Таа потенцира дека посебно значајни се странските македонисти, кои се културни амбасадори на Македонија во своите средини, како и преведувачите.
- Веќе е јасно дека културната различност на светот може да биде место на раздор, но и место на средба. Оваа Влада дејствува и ќе дејствува од позиција на третман на културните различности како светско богатство за кое треба да се води исклучителна грижа. Почитувајќи ги сите култури, акцент ставаме на посебната македонска култура, која значајно придонесува за унапредување на универзалните човечки вредности, опишани во делата кои се предмет на интерес на оваа конференција, рече министерката Јаневска.

Директорката на Институтот за македонска литература проф. д-р Наташа Аврамовска информира дека конференцијата е посветена на македонските книжевни дејци родени во четвртата деценија на 20 век и на уште некои значајни јубилеи кои, како што рече, не можевме да ги одминеме. Тоа се: 125 години од раѓањето на Ристе Крле, 105 години од раѓањето на Славко Јаневски и 25 години од неговата смрт, 95 години од раѓањето на Георги Сталев Поповски, Димитар Солев, Ката Мисиркова Руменова, Симон Дракул и Бистрица Миркуловска, 90 години од раѓањето на Ташко Георгиевски, Живко Чинго, Слободан Мицковиќ, Лилјана Белева, Гордана Михаилова-Бошнакоска и други. Учесниците предложиле да се одбележат и 55 години од раѓањето на поетот Игор Исаковски (1970-2014).
Според проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од Институтит за македонска литература при УКИМ - Скопје со чествувањето на овие македонски автори, како што рече, ги предаваме корените на современата македонска книжевност на идните генерации, поттикнуваме нови љубопитства и секое споменување на она што е напишано на македонски јазик всушност претставува една самоидентификација.

- Ние се наоѓаме во таа средина и на некој начин го формираме македонскиот идентитет, она со што сите ние се поистоветуваме, посочи Георгиевска-Јаковлева.
На отворањето на конференцијата присуствуваа декани, директори на јавни научни установи, универзитетски професори и семејства на авторите чие дело се одбележува денес. мд/са/
Фото: МИА