Димитровски од Трст: Земјите од Западен Балкан се интегрален дел од европската архитектура на стабилност, нивната интеграција е стратешка неопходност за Европа
- Европската Унија и земјите од Западен Балкан се меѓусебно зависни, а безбедноста не е еднонасочна улица. Овие земји не се периферија на континентот, туку интегрален дел од европската архитектура на стабилност. Оттука, интеграцијата на земјите од Западен Балкан не е само политичка цел, туку и стратешка неопходност за Европа во целина. Ова го истакнал денеска во Трст заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, на конференцијата по повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Скопје, 17 март 2026 (МИА) - Европската Унија и земјите од Западен Балкан се меѓуцебно зависни, а безбедноста не е еднонасочна улица. Овие земји не се периферија на континентот, туку интегрален дел од европската архитектура на стабилност. Оттука, интеграцијата на земјите од Западен Балкан не е само политичка цел, туку и стратешка неопходност за Европа во целина. Ова го истакнал денеска во Трст заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, на конференцијата по повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Настанот, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, бил одржан под покровителство на италијанската Ввада и воден од потпретседателот на владата и министер за надворешниработи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани, и министерката за надворешни работи на Романија, Оана Тоу, како земја актуелен претседавач со иницијативата.
Конференцијата, според соопштението, била посветена на триесет години соработка и посветеност: oд политика кон акција и регионална поврзаност, а во фокусот на дискусиите биле регионалната соработка, поврзаноста и европската интеграција како клучни предуслови за стабилноста, безбедноста и економскиот развој на Европа.

Димитровски, како што е наведено, потенцирал дека Северна Македонија ги исполнува своите обврски. Земјата го усогласува законодавството, целосно се придржува до надворешната и безбедносната политика на ЕУ и активно придонесува кон регионалната стабилност.
- Сега, истакна тој, е неопходна реципрочна поддршка. Таа треба да дојде во вид на конкретни интеграциски мерки, како СЕПА, роаминг, зелени коридори и развој на инфраструктурата. Реалното олеснување на четирите слободи, капитал, стоки, услуги и луѓе не е симболичен чин. Тоа е темелот на економската конвергенција и подобрување на животниот стандард на граѓаните - соопшти МНРиНТ.
Во рамките на конференцијата Димитровски имал средби со колеги од земјите учеснички, меѓу кои и со државниот секретар за безбедносна политика во унгарското Министерство за надворешни работи и трговија, Петер Старај.
- Централни теми на разговорите беа интензивната соработка што двете земји ја развиваат во изминатиот период како потврда за стратешкото партнерство, заедничката заложба за унапредување на дијалогот и натамошно динамизирање на секторската соработка. Особено беа истакнати одличните економски врски потврдени со фактот дека Унгарија е меѓу десетте најголеми трговски партнери и инвеститори во Северна Македонија - стои во информацијата.

ЦЕИ, како што е наведено, во изминатите три децении претставува значаен мост, кој ги поврзува регионите, институциите и политиките. Основана 1989 година, брои 17 земји членки и е позната како една од најстарите и најинклузивни регионални иницијативи на европскиот континент, која успешно ги поврзува земјите членки на ЕУ со државите кандидати и ги трансформира политичките цели во конкретни резултати на терен. сс/вј/
Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија