• понеделник, 06 април 2026

Кумановскиот Црвен крст го одбележа Денот на Црвениот крст и крводарителството

Кумановскиот Црвен крст го одбележа Денот на Црвениот крст и крводарителството

Куманово, 17 март 2026 (МИА) - По повод 17 Март, Денот на Црвениот крст и Денот на крводарителството,  Општинската организација на Црвениот крст- Куманово денеска организираше свечен настан, со цел афирмација на доброволното крводарителство и оддавање признание на сите кои континуирано придонесуваат во спасувањето човечки животи.

Во рамки на одбележувањето беа промовирани три видеа со крводарители, кои пренесоа порака за хуманата мисија на дарувањето крв. Преку лични искуства и сведоштва, дарителите го истакнаа чувството на одговорност и солидарност, но и свеста дека со едноставен гест може директно да се помогне во спасување нечиј живот.

Од куманвскиот Црвен крст доделија  22 благодарници на институции, компании и соработници и ја потенцираа важноста на  партнерството меѓу граѓанскиот сектор, јавните институции и приватните субјекти во обезбедувањето стабилен систем на доброволно крводарителство.

Посебни плакети за 50 дарувања добија двајца крводарители, додека за 100 дарувања беа наградени уште двајца долгогодишни хуманисти. Дополнително, беа врачени признанија за поеднци за  5, 10 и 25 дарувања. Драган Стефановски доби благодарница за 100 дарувања. Тој дарува крв од 16 години.

-Цело семејство даруваме. Конкретно, јас од три до четири пати годишно дарувам и на акции, но и на повик. Нулта позитив сум, се надевам дека сум спасил повеќе животи, вели Стефановски кој неодамна се пензионирал.

Настанот беше посветен на хуманоста и солидарноста како темелни вредности на општеството, а воедно претставуваше можност да се потенцира значењето на редовното дарување крв во услови кога здравствениот систем има постојана потреба од стабилни резерви.

Од Црвениот крст оценуваат дека состојбата со крводарителството постепено се стабилизира по падот за време на пандемијата. Бројот на акции и интересот кај граѓаните повторно расте, но предизвик останува намалувањето на младата популација поради иселувањето.

Доктор Нухи Јусуфи, претседател на организацијата вели дека неопходно е дополнително да се работи на мотивација на нови дарители, како и на продлабочување на соработката со приватниот сектор и јавните установи. Воедно, тој посочува дека е потребно да се отвори  и прашањето за можни дополнителни бенефиции за крводарителите, со цел да се стимулира редовното дарување. ам/вј/

Фото: МИА и Црвен крст Куманово

Тагови

Остани поврзан