• недела, 22 декември 2024

Јавно обвинителство: Наредба за истрага против седум лица и предлог за мерка притвор за петмина осомничени

Јавно обвинителство: Наредба за истрага против седум лица и предлог за мерка притвор за петмина осомничени

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) – Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопшти дека денешната координирана полициска операција со кодно име „Кипер“ е спроведена под раководство на предметен јавен обвинител, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе во содејство со Одделот за специјални и посебни операции.

Акцијата, додаваат од Јавното Обвинителство, е резултат на предистражна постапка што се спроведувала од месец септември 2023 година до месец јуни годинава, каде опфатена е седумчлена организирана криминална група која делувала на територијата на државата со цел, како што велат, извршување на кривични дела поврзани со организирање на група за извршување на кривична дела криумчарење мигранти. Во акцијата лишени се од слобода пет лица, додека при извршените претреси се пронајдени и одземени патничко моторно возило, прашкаста материја, вага и мобилни телефонски апарати што лицата ги користеле за извршување на кривичното дело.

– Предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест македонски и еден српски државјанин. Постои основано сомнение дека првосомничениот како организатор на криминалната група е сторител на кривичните дела „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ од член 418-в и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б, петмина од останатите сомничени се товарат дека се сторители на истите кривични дела како членови на групата, додека на седмоосомничениот му се става на товар дека помагал во извршување на кривичното дело „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“, се наведува во соопштението.

Според обезбедените докази од предистражната постапка во текот на 2023 година и 2024 година првоосомничениот заедно со две лица – странски државјани и тоа едно идентификувано лице по потекло од Пакистан и Н.Н лице државјанин на Република Србија се здружиле и организирале меѓународна криминална група во земјава. 

Оваа група, од Јавното обвинителство велат дека била дел од меѓународна криминална мрежа, која заради стекнување имотна корист со однапред определени задачи извршувала кривични дела криумчарење на мигранти. Во временскиот период од месец септември 2023 година до месец јуни годинава осомничените организирале илегално пренесување на групи мигранти државјани од Сирија и други земји од блискиот и далечниот исток и земји од Африка – Ирак, Конго и Нигерија преку илегални премини на т.н. „зелена граница“.

Првоосомничениот на организиран и претходно договорен и воспоставен начин на телефонска комуникација користејќи телефонски броеви од српски мобилни оператори и интернет комуникација, заедно со останатите двајца организатори на криминалната група го планирал и договарал бројот на мигрантите кои ќе бидат пренесени на територија на Р.С.Македонија, притоа договарајќи ги локациите каде ќе бидат пренесени, времето и местото – точната локација каде се наоѓале мигрантите подготвени за прифаќање и натамошно превезување кон кумановско -липковскиот регион.

Со помош на водичи т.н. „качаци“, мигрантите координирано биле водени на претходно утврдени и договорени локации, од каде „качаците“ им ја испраќале локацијата на организаторите. Првоосомничениот ги известувал останатите припадници на групата и им давал задачи за обезбедување на товарни возила и изработување на импровизирани бункери во нив за прифаќање и превезување на мигрантите, а на седмоосомничениот припадник на групата му давал задача да ги прими и подигне паричните средства исплатени за успешно извршеното криумчарење на мигрантите преку територијата на Р.С.Македонија. Откако илегалните мигранти биле превезени до претходно договорените локации, првоосомничениот во договор со организаторот Н.Н лице од Република Србија го организирал понатамошно прифаќање и криумчарење од Р.С. Македонија во Р.Србија.

Петмината осомничени денеска се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје и за истите предметниот обвинител ќе предложи определување на мерка притвор, додека едно лице е веќе на издржување мерка притвор во КПУ Затвор Скопје за сторено кривично дела „криумчарење мигранти“, а за другото лице кое е во бегство е определена мерката притвор во отсуство во друг кривично-правен настан. Оправданоста на предлогот предметниот обвинител го темели на фактот дека постојат околности кои го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, доколку се бранат од слобода. Особено, ако се има предвид видот, зачестеноста од извршувањето на овие кривични дела на територијата на РСМ. Воедно, постојат особени околности кои укажуваат дека осомничените ќе ја попречуваат кривичната постапка со меѓусебно влијание на сите инволвирани во извршувањето на кривичните дела, а кои треба да се испитаат во текот на истражната постапка, но и со влијание врз сведоците, а постојат и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе ги повторат кривичните дела. Сите овие околности упатуваат на тоа дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство на осомничените. ра/ев/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан