• недела, 09 март 2025

Јавна дебата за приближувањето на државата кон ЕУ организираа Ротари клубот Кочани-Виница и Паневропската унија на Македонија

Јавна дебата за приближувањето на државата кон ЕУ организираа Ротари клубот Кочани-Виница и Паневропската унија на Македонија

Кочани, 7 март 2025 (МИА) – Јавна панел дискусија на тема „Европеизација на Македонија - дали сме на добар пат?” се одржа во просториите на Прогресив академија во Виница во рамки на циклусот дебати во повеќе градови на кои ќе се дискутира за преземените иницијативи на локалните заедници за приближување на државата кон Европската Унија.

Организаторите на дебатата, Ротари клубот Кочани–Виница и Паневропската унија на Македонија, нагласија дека улогата на граѓаните и локалната заедница е еден од клучните фактори во исполнувањето на определбите за влез во европското семејство.

-Ниту една реформа, ниту едно законско прилагодување не може да ги даде очекуваните резултати ако сите граѓани активно не се вклучени во процесите. Свесни сме дека се соочуваме со огромни предизвици, наидуваме на отпор, а главните забелешки што ги слушаме се јакнење на правосудниот систем, борба против корупцијата и економска стабилност и развој. Многу важно е да прекинат политичките поделби во ситуација кога сакаме да избереме пат што е сигурен и најдобар за нашата иднина, поради што ова не е политичка дебата, туку отворен разговор и размена на мислења, ставови, проблеми и искуства, истакна Ангела Соколова, претседателка на Ротари клубот Кочани-Виница.

За важноста на поединецот и на локалната заедница за приблужувањето кон европските стандарди зборуваше и претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, при што нагласи дека и покрај актуелните општествени и други промените во глобални рамки, државата треба да остане на зацртаните определби.

-Можеби денес поактуелен е терминот американизација, но ние же се држиме до нашата европеизација, затоа што од тој термин кај нас е познат како нешто што е добро, нешто што е средено, нешто што им овозможува на граѓаните добар живот. Секогаш кога разговараме не само во Македонија, туку и во други држави, нашиот наратив е да наметнеме став дека секој од нас како граѓанин треба да освоит личен радиус, биде вистински европеец и да дејствува на својата средина и да ја подобри. Треба да имаме одговорност и свесност дека сите заеднички треба да работиме, да си го средиме нашиот двор, нашата улица, нашата фирма, нашата институција, нашиот град, нашата држава и тоа е позадината врз која ние и денеска разговараме, истакна Лепавцов.

Панелистите на дебатата беа Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор и министер, Љубомир Кекеновски, професор на Економскиот факултет во Скопје, Глигор Цветанов, менаџер на компанијата „Макпрогрес“ од Виница и Александар Шопов, судија во Апелациониот суд во Скопје, при што секој од својата област зборуваше за неопходните прилагодувања кон европските стандарди.

Можност за дебата со прашања и мислења имаа и присутните на панел дискусијата, кои главно се интересираа за поддршката кон државата од ЕУ, застојот на финасиската помош за исполнување на потпишаната реформска агенда, влијанието на долгото пристапување кон економскиот и друг развој. та/дма/

фото: МИА

Остани поврзан