• петок, 10 мај 2024

Ѓукановиќ: Во Црна Гора започнува ново, подобро време  

Ѓукановиќ: Во Црна Гора започнува ново, подобро време   

Подгорица, 2 април 2023 (МИА) -  Во Црна Гора почнува ново, подобро време, во кое земјата ќе продолжи ефикасно и стабилно да се движи кон својата европска цел, изјави претседателскиот кандидат на Демократската партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ, по гласањето во вториот круг од претседателските избори, пренесе МИНА.

Ѓукановиќ по гласањето на новинарите им кажа дека очекува денеска сите граѓани да имаат можност да ја изразат својата изборна волја, со цел трајно да придонесат за зајакнување на впечатокот за Црна Гора како зрело демократско општество.

-Верувам дека ќе биде така и верувам дека државните институции, без разлика на грешките што веќе се случија, ќе продолжат да работат професионално и ќе придонесат за таков изборен процес и таков впечаток за Црна Гора, најави Ѓукановиќ.

Тој оцени дека ова е добар почетен момент за Црна Гора да најави враќање на патот на европскиот развој, пренесе црногорската агенција.

-Верувам дека резултатите од изборите ќе го оправдаат таквото очекување и дека таквата намера ќе ја потврдиме на парламентарните избори на 11 јуни. Верувам дека почнува ново, подобро време во кое Црна Гора ќе продолжи да се движи ефикасно и стабилно кон својата европска цел, рече Ѓукановиќ.

Прашан дали очекува опструкции до крајот на изборниот ден и најави за таканареченото „шавничко сценарио“, рече дека тие најави не ги сфаќа сериозно.

Како што додаде, многу е важно институциите да ја вршат својата работа согласно законот.

-Доколку е така, не се сомневам дека ќе го положат и овој испит како и многу други во претходниот период и ќе придонесат за натамошното демократско созревање на општеството, рече Ѓукановиќ.

На прашањето што ќе направи за подобрување на односите со Србија доколку победи, тој рече дека тие односи се такви какви што треба.

-Тие односи можат да бидат подобри, а што се однесува до мене и Црна Гора, тоа е тропање на отворена врата. Србија ќе мора до одреден степен да го промени својот однос кон соседите, во смисла дека треба да престане да се обидува да го регулира животот на Србите во Црна Гора, рече Ѓукановиќ.

На прашањето дали очекува тензии на избирачките места денеска и утре по изборите, Ѓукановиќ рече дека тензиите се кренале повеќе отколку што треба, но оти верува дека се ќе остане под контрола.

На прашањето дали би му честитал на противкандидатот Јаков Милатовиќ доколку победи, тој потсети дека ДПСчеститала и по изборите на 30 август.

-Јас ја претставувам таа Црна Гора, рече Ѓукановиќ. сд/

Остани поврзан