• сабота, 23 ноември 2024

Шукова: Преку зголемени инвестиции во зелената инфраструктура, до повисоко ниво на усогласување со ЕУ стандардите

Шукова: Преку зголемени инвестиции во зелената инфраструктура, до повисоко ниво на усогласување со ЕУ стандардите

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) - Само преку зголемени инвестиции во зелената инфраструктура можеме да постигнеме повисоко ниво на усогласување со стандардите и регулативите на Европската Унија, изјави министерката за животна средина, Каја Шукова. 

На јавниот настан на Форумот за граѓанско општество на Берлинскиот Процес за Клима и Зелена агенда кој се одржа денеска, министерката истакна дека на оваа патека се соочуваме со сериозни предизвици кои што се карактеристични за останатите земји од Западен Балкан, а тие се најчесто финансиски и административни.

- Овие предизвици се комплексни и бараат акција од сите надлежни институции. Потребата од инвестиција се огромни, ни треба многу повеќе фондови отколку што имаме, рече таа.

Според Шукова, подеднакво е важно овие процеси да го вклучуваат приватниот сектор, а постигнувањето климатска неутралност е поврзана со заштитата на биодиверзитетот и екосистемот.

На дискусијата „Зелена агенда, предизвици и можности“ во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) заедно со Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (IPECC),  учествуваше и Штефан Худолин, раководител на Сектор операции од Делегацијата на ЕУ кој истакна дека предизвици имало и ќе има, но, како што рече, „од нив мора да направиме можности кои вклучуваат инвестиции во зелени технологии и инфраструктура“. 

- Владите имаат клучна улога да ја постават правната рамка и да воведат политики кои ќе го интензивираат овој процес, рече тој, дополнувајќи дека националните буџети мора да одвојат дел за заштита на биодиверзитетот.

Алмира Џембула, заменик министерка за туризам и животна средина на Република Албанија, посочи дека оваа активност изискува многу труд и напорна работа од надлежните институции. Таа зборуваше за активностите кои Албанија ги презема за реализација на Зелената агенда и го посочи еко-системот како централен закон.

Генералниот секретар на регионалната младинска канцеларија за соработка, Алберт Хани, ги сподели активностите на канцеларијата и истакна дека една од најголемите грижи на младите се токму проблемите со животна средина.

- Тренинг и едукација е неопходен за младите да се запознаат со ризиците и потенцијалот, потенцираше тој.

Според него, препораките од Зелената Агенда се реалистични и за нивна реализација е неопходна и административна едукација. 

Адис Муховиќ, извршен директор на Центар за политика и владеење од Босна и Херцеговина посочи дека во процесот мора да бидат вклучени и граѓанските организации и младите, а приватниот сектор го посочи како неразвиен.

Дискусијата заклучи дека на земјите од Западен Балкан им се потребни иновативни механизми кои се базирани на солидарен пристап за ја пополнат празнината во административните капацитети и да осигураат ефективно искористување на фондовите. 

Зелената агенда нуди визија на одржливо и просперитетна иднина, но, патот да се стигне до таму е исполнет со предизвици кои бараат соработка помеѓу владите, приватниот сектор и граѓанските организации.

Главна тема на настанот е „Инвестиции во зелена инфраструктура“, која дополнително се разработува преку аспектите на „Доброто владеење во животната средина“ и „Биодиверзитет и зачувување на природните ресурси“. ар/ац/

Остани поврзан