• понеделник, 23 декември 2024

Шукова изврши увид во реконструираната филтер станица во Делчево

Шукова изврши увид во реконструираната филтер станица во Делчево

Делчево, 22 декември 2023 (МИА) - Напредува изградбата на филтер станицата за прочистување на водата за пиење за општина Делчево. Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, која при денешната посета на Делчево изврши увид во работите, информираше дека работите на овој капитален инфраструктурен објект, со кој се воспоставува квалитетен водоснабдителен систем за општината се одвива според посакуваната динамика, очекувајки негова финализација до крајот на април 2024 година. 

Проектот за водоснабдување и третман на отпадни води во Делчево е повеќегодишен проект што се реализира врз основа на билатерален договор на Владата, која преку МЖСПП го склучи со Швајцарската конфедерација за обезбедување на финансиски средства и техничка помош. Домашната контрибуција на Владата, преку МЖСПП, како што напомена Шукова е приближно 1,3 милиони швајцарски франци искористени за реконструкција на постојната застарена водоснабдителна мрежа, нејзино проширување и приклучување на селата Ѕвегор и Габрово кон водоснабдителниот систем.

-Проектот е повеќекомпонентен и е пример како со добра соработка и вградување на зелената компонента, примената на најдобродостапни технологии и ориентирање кон користење на обновливи извори на енергија можат да се поситигнат повеќе придобивки. Филтер станицата за прочистување на водата користејќи ја сончевата енергија во голем дел ќе ги покрие потребите за електрична енергија за бунарите и на самата Филтер-станицата со што се обезбедува финансиска заштеда и енергетска ефикасност. Завршувањето на реализација на овие проекти се очекува до крај на април 2024 година, рече Шукова.

Дополнително, како што додаде, МЖСПП обезбеди и 24 милиони денари за изградба на водоснабдителен систем и во селото Вирче во Општина Делчево. Во моментот,  како што додаде, се очекува изработката на проектната документација, по што МЖСПП ќе ја спроведе тендерската постапка. Проектот треба да се реализира во тек на наредните две години, 2024 и 2025 година и со тоа комплетно ќе се обезбеди чиста вода за пиење за Делчево и другите населени места во општината.

-Владата преку МЖСПП интензивно вложува во обезбедување рамномерен развој на општините, заштитата на животната средина и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните. Од заемот на Европската инвестициска банка за изградба на нови и подобрување на системите за снабдување со вода за пиење и системите за собирање, одведување и третирање на отпадните води во сите населени места во државата, за Делчево се обезбедени 573 илјади евра за регулација на речното корито на река Брегалница во должина од 500 метри и реконструкција на каналот за наводнување, додаде Шукова.

Како Министерство, како што подвлече, ја поддржуваме општината и во воспоставување на одржливо управување со отпад. Во рамки на активностите за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад, општина Делчево со помош на ЕУ фондовите преку проектот „Затворање на непрописните депонии и ѓубришта во Источниот регион“ ќе добие камион за транспорт на отпад и 169 контејнери, а од средставата собрани од наплата за користење на пластични ќеси ќе се обезбедат 47 канти и 19 контејнери за оваа општина.

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски рече дека новата прочистителна станица ќе обезбеди квалитетна вода за пиење за сите граѓани на општина Делчево. 

-Овој проблем беше голем и горлив проблем за сите жители, но еве со помош и голема поддршка од МЖСПП, министерката Каја Шукова, со донација од Швајцарската влада успеваме да го донесеме до финална изградба овој пречистителен систем за чиста вода за пиење. Ова и јас ќе нагласам дека е најголемиот проект во историјата од постоењето на Делчево, и тоа не само по финансиската конструкција што ја има, туку и по суштинската вредност којашто е многу побитна за граѓаните на Делчево, рече Трајковски.

Меѓу капиталните завршени проекти тој ги напомена и изградбата на зелениот, модерен и современ Градски пазар, новите водоводи, атмосферски канализациски системи, реконструираните километри локални патишта и улици за што се заблагодари на поддршката од министерствата за транспорт и врски, животна средина и просторно планирање и земјоделство, шумарство и водостопанство. 

За наредната 2024 година, Трајковски ја напомена инвестицијата со МЖСПП со која заедно ќе инвестираат 573 илјади евра во регулација на речното корито на река Брегалница којшто ќе се протега од пешачкиот мост до мостот на ул. „Индустриска“. 

-Исто така ќе се рехабилира и каналот. Со Министерството за транспорт и врски потпишавме договор вреден над 14 милиони денари за изградба на улици во три населби во градот. Со Бирото за регионален развој потпишавме договор над пет милиони денари за изградба на стариот пат Делчево и улици во населбата Ѕвегорска Река, а во полн ек е и изградбата на детска градинка со капацитет од 150 дечиња и со вкупна финансиска конструкција над 60 милиони денари, додаде Трајковски.

Општина Делчево, како што подвлече, е релативно мала општина, која како и големите градови се стреми кон создавање услови за развој на општината и услови за подобар живот на делчевчани. вс/мд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан