• понеделник, 25 ноември 2024

Штип годинава ќе организира „Пролетни денови на училишниот спорт“

Штип годинава ќе организира „Пролетни денови на училишниот спорт“

Штип, 26 јануари 2024 (МИА) - Општина Штип годинава ќе организира  „Пролетни денови на училишниот спорт“. Ова е новина од Програмата за активностите во областа на спортот за 2024 година, образложи на денешната седница на Советот на Општина Штип, Тодор Торов вработен во Општина Штип. Планирано е активноста да се спроведе во месеците март, април и мај, а ќе се одржуваат натпревари во фудбал и кошарка помеѓу екипи од училиштата на територија на општината.

-Покрај тоа што се одржуваат натпревари, како што знаете сите, меѓуопштински, меѓу училишта, овие ќе бидат натпревари насловени „Пролетни денови“ каде во месеците март, април и мај, по една недела ќе се одржуваат натпревари во фудбал и баскет помеѓу училиштата. Во координација со Сојузот за училишен проект дојдовме до овој проект, за таа цел и буџетот на Сојузот на училишен спорт е покачена за 50.000 денари за остварување на овој дел од програмата, образложи Торов.

Годинава спортистите ќе бидат и стипендирани. Средствата ќе се доделуваат по барања од клубовите и самите спортисти, а одлучувањето ќе биде согласно со Правилник кој во моментов се изработува за да се работи по него.

-Исто така, како новина во Програмата имаме финансирање, односно стипендии. Предвидени се 500.000 денари за стипендии за нашите спортисти. Во доменот на финансирање, за годинава се предвидени 19.000.000 денари, односно може да кажеме дека ова е еден развоен буџет кој минатата година изнесуваше околу 15.100.000 денари, рече Торов.

Буџетот од Програмата за спорт ќе се распредели по повеќе основи. За поддршка на спортски екипи и спортски сојузи се определени 16.800.000 денари, за поддршка на Сојузот на училишен спорт 300.000 денари, за награди 150.000, за стипендии 500.000 денари, а за електрична енергија 1.250.000 денари. вдј/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан