• петок, 19 април 2024

Четворица македонски средношколци освоија бронзени медали на Меѓународната олимпијада по природни науки во Колумбија

Четворица македонски средношколци освоија бронзени медали на Меѓународната олимпијада по природни науки во Колумбија

Штип, 15 февруари 2023 (МИА) - Шестмина македонски ученици учествуваа на Меѓународната олимпијада по природни науки за јуниори, што се одржа во колумбискиот град Богота, од кои четворица се закитија со бронзени медали.

Еден од освојувачите на бронзениот медал е петнаесетгодишниот Даниел Христов, ученик во гимназијата „Славчо Стојменски“ од Штип, кој за МИА вели дека само да се биде дел од една таква Меѓународна олимпијада, на која учествуваат негови врсници од цел свет, претставува голема чест.

Неговата приказна повторно ја отвора и темата за тоа колкава е финансиската поддршка на талентираните ученици и од семејството и од државата за учество на вакви натпревари.

Христов го покажа своето знаење и достојно го претстави своето поранешно основно училиште „Димитар Влахов“, како и гимназијата „Славчо Стојменски“, каде што сега е прва година.

- За овој натпревар се спремав неколку месеци, а поинтензивно од септември 2022 година, кога се пласирав на селекционите натпревари. Поинтензивно учев и се спремав во септември, октомври и ноември, одев двапати неделно, секој петок и сабота, од Штип за Скопје на Природно-математичкиот факултет, вели Христов.

Даниел забележува дека на натпреварот во Колумбија имале прашања од повеќе природни науки, и тоа од хемија, физика и биологија, додавајќи дека за да се акумулира толкаво знаење и податоци од три научни дисциплини сигурно не е лесно.

- Не беше лесно, затоа што имаше многу материјал да се помине, времето беше кратко, како теоретски, така и практично, вели Христов.

Тимот од шесттемина македонски ученици во Богота престојуваше половина месец. Даниел за МИА раскажува дека се запознал со голем број негови врсници од сите страни на светот со кои разменувале и искуства, како се подготвувале и каква литература користеле за натпреварот. За ова 15-годишно момче искуството од оваа олимпијада по природни наука е големо, посочувајќи дека секоја држава различно ги подготвувала тимовите, а што се однесува за наставните материјали кои ги учат во училиштата, добил впечаток дека се речиси идентични.

- За практичниот дел можам да кажам дека нашиот тим беше многу добро подготвен, а токму за тој практичен дел не подготвуваа професорите од Природно-математичкиот факултет и на практичниот дел на натпреварот јас, со мојата група имав многу поени, додаде Даниел.  

Поради неговата посветеност на науката, понекогаш трпи и дружбата со другарите и другарките, но како што вели Даниел, за сè се наоѓа време.

- Искрено, понекогаш ќе се случи повеќе да се посветам на едно, а друго помалку, но се трудам да не трпи, вели Христов.

Даниел е дециден дека за да се сака науката, треба да се има добри професори, пред сè уште во основното училиште.

- Тоа значи многу како помош при подготвувањето и за натпреварите, и затоа јас сметам дека тоа е меѓу најважните работи. Сметам дека и ние, односно ова што јас го учам, треба да го правиме со љубов и труд, бидејќи со сила не може, потенцира Христов.

Ова момче е полно со позитивна енергија, водилка му е науката и затоа, како што вели за МИА, ќе продолжи со натпреварите.

По краткиот одмор, следува повторно учење и собирање знаење за претстојните натревари по физика, хемија и биологија и целта му е повторно да влезе во македонскиот тим за меѓународни натпревари, но овој пат за сениори.

За да се претстави сопствената земја на такви меѓународни натпревари најголемиот финансиски товар го носат родителите. Во конкретниот случај, трошоците на Даниел за да оди двапати во неделата за Скопје, за да се подготви за овој натпревар, како и за авионскиот билет за Колумбија и котизацијата за учество на олимпијадата по природни науки, биле на сметка на неговото семејство. Семејството Христови за да го остварат сонот на Даниел морале да бараат и спонзори меѓу општествено одговорните компании.

- Моите родители посветија многу време и пари за овој меѓународен натпревар, како и за моето знаење, вели 15-годишниот Даниел. 

Викторија Димитрова-Јованова 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан