• сабота, 27 јули 2024

Штајнмаер во прва официјална посета на Кипар, кипарското прашање во фокусот на средбата со Христодулидис

Штајнмаер во прва официјална посета на Кипар, кипарското прашање во фокусот на средбата со Христодулидис

Никозија, 12 февруари 2024 (МИА) – Кипарското прашање, миграција, состојбата во Украина и Газа, билатералните односи, како и европските и регионалните прашања, биле меѓу другото, темите за кои разговарале претседателите на Кипар и Германија, Никос Христодулидис и Франк-Валтер Штајнмаер на нивната денешна средба во Никозија, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за прва посета на германски претседател на Кипар по воспоставувањето дипломатските односи меѓу двете земји во 1960 година, за што Христодулидис истакна дека има „особено значење и суштинска симболика“.

За кипарското прашање, германскиот претседател ја изрази поддршката на Германија за повторното отпочнување на разговорите.

-Време е да работиме за изнаоѓање решение на кипарското прашање и топло го поздравувам фактот што претседателот Христодулидис го поставува за приортиет постигнувањето напредокот. И да кажам јасно, Германија поддржува би-зонално, би-комунално решение на кипарскиот проблем врз основа на параметрите на ОН, истакна Штајнмаер.

Христодулидис посочи дека неговата визија и единствениот стремеж, уште од првиот ден на преземање на должноста е да се стави крај на актуелната состојба и „повторно да се обедини земјата врз основа на договорената рамка, резолуциите на Обединетите нации (ОН) и принципите и вредностите на ЕУ“.

-Сегашната состојба на работите не може да биде решение за кипарскиот проблем и мислам дека сите ја разбираме оваа димензија. Силно верувам дека огромното мнозинство од кипарскиот народ, кипарските Грци и кипарските Турци, сакаат повторно обединување, решение засновано на договорената рамка, порача Христодулидис.

Двајцата претседатели разговарале и за ситуацијата во Газа, за што Христодулидис информирал за напорите на Кипар да создаде морски хуманитарен коридор, истакнувајќи дека земјата од една страна е членка на ЕУ, а од друга одржува одлични односи со сите соседни држави.

Штајнмаер истакна дека Кипар за нив, но и за цела Европа е „навистина безбедно пристаниште во регионот“, особено по терористичкиот напад на Хамас.

Германскиот претседател вчера пристигна во Никозија, а првата официјална посета на Кипар ќе ја заврши утре. ср/ссм/

Остани поврзан