• сабота, 04 мај 2024

Шеста година по ред САД се на врвот по производство на нафта

Шеста година по ред САД се на врвот по производство на нафта

Вашингтон, 12 март 2024 (МИА) - САД произведуваат просечно 12,9 милиони барели нафта дневно и шеста година по ред се најголем производител во светот, објави Министерството за енергетика.

Во декември 2023 година, производството на сурова нафта во САД достигна нов месечен рекорд, надминувајќи 13,3 милиони барели дневно, според Управата за енергетски информации при Министерството (EIA).

„Во изминатите шест години, САД постојано произведуваа повеќе сурова нафта од која било друга земја, според нашата меѓународна енергетска статистика“, се вели во соопштението на EIA. Мали се шансите други земји да го соборат тој рекорд во блиска иднина, според американската Управа за енергетски информации.

Во јануари, владата на Саудиска Арабија му нареди на енергетскиот гигант Aramco да го запре планот за зголемување на производството на нафта и да се насочи кон максимален одржлив производствен капацитет од 12 милиони барели дневно, еден милион барели помалку од планираното во 2020 година.

Саудиска Арабија е водечки производител во Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), која заедно со своите сојузници одлучи да ја намали понудата за 2,2 милиони барели дневно до средината на годината за да ги поддржи цените во период на слаба побарувачка под притисок од слабиот економски раст. ссм/

фото: архива

Остани поврзан