• недела, 24 ноември 2024

Русија најави „разорна одмазда“ доколку Украина го нападне мостот на Крим

Русија најави „разорна одмазда“ доколку Украина го нападне мостот на Крим

Москва, 3 мај 2024 (МИА) – Русија предупреди дека ќе изврши „разорувачки одмазднички напад“ доколку Украина, со поддршка на Западот, го нападне Крим или Кримскиот мост што го поврзува полуостровот на Црното Море со јужниот дел на Русија, кој Киев веќе двапати го нападна.

Москва соопшти дека верува оти Украина, која неодамна од САД доби системи за наведувачки ракети со долг дострел АТАЦМ, планира да го нападне мостот на 9 мај или пред денот кога Русија ќе ја одбележи победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.

Русија го анектира Крим од Украина во 2014 година. Киев претходно соопшти дека ја смета за нелегална изградбата на патно-железничкиот мост, кој во минатото се користел за движење на војници и оружје. Украина вели дека сака да го врати Крим.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги наведе изјавите и објавите на официјални претставници на Украина и на Европската унија на социјалните мрежи, кои според неа укажуваат дека мостот е на нишан на Киев, пренесе радио Слободна Европа.

Амбасадорот на Украина во Обединетите нации, Серхиј Кишлиц на 1 мај на Х напиша „2024. список на шест главни типови мостови“ и објави серија слики на кои се прикажани различни типови мостови.

Последната слика со натпис Керч, како што името на кримскиот град на едниот крај од Кримскиот мост, е оставена празна, што би можело да укажува дека ќе биде уништен, коментираат светските агенции.

Слична содржина објавија и некои функционери и дипломати на источноевропските земји.

- Мостот на Крим повторно е на нишан, рече Захарова на брифинг.

- Подготовките да се нападне, што е тешко да се поверува, сега се спроведуваат отворено, со наметлива храброст и апсолутна директна и бесрамна поддршка на колективниот Запад. Би сакала да ги предупредам Вашингтон и Брисел дека секоја агресивна акција против Крим не е само осудена на пропаст, туку ќе наиде на разорен одмазднички напад, рече таа.

Захарова истакна дека британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон изјавил дека Украина има право да користи оружје што и го праќа Велика Британија за да гаѓа цели во Русија, што го нарече доказ дека Западот води хибридна војна против Москва.

Москва и го подари Крим на Украина во 1954 година, а сега тврди дека таа одлука била погрешна.

Руската црноморска флота, која Украина повторно ја напаѓа, е стационирана на Крим. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан