• понеделник, 25 ноември 2024

Шведска: Ескалација на насилството меѓу криминалните банди, во Стокхолм повеќе подметнати бомби

Шведска: Ескалација на насилството меѓу криминалните банди, во Стокхолм повеќе подметнати бомби

Стокхолм, 7 февруари 2024 (МИА) - Експлозии од подметнати бомби во Стокхолм се слушаат веќе четири ноќи по ред, откако по три месеци релативно затишје, повторно ескалираше насилството меѓу криминалните банди во Шведска.

Во овие експлозии нема жртви, а причинета е само помала материјална штета бидејќи тие првенствено биле темпирани како предупредување до луѓето од криминалното подземје. Сите експлозивни направи биле поставени пред влезовите на станбени згради и куќи во кои биле регистрирани познати членови на кланот Фокстрот или членови на нивните семејства. Локалните медиуми посочуваат дека мета главно биле адресите на кои живееле уапсени или осудени членови на кланот Фокстрот, што се толкува како порака дека нема да можат да се чувствуваат безбедно ниту во затвор.

- Интензитетот на насилството се движи во бранови и ситуацијата може брзо да се промени во која било насока. Во последната недела, конфликтите се забрзаа, изјави Томи Густафсон, полициски службеник од одделот за организиран криминал, за дневниот весник Aftonbladet, додавајќи: Се чини дека има внатрешен конфликт во самиот Фокстрот, а исто така во тек е и конфликт помеѓу Фокстрот и мрежата Дејлен.

- Бројот на насилни злосторства се намалува, но ако го погледнеме криминалот во овие мрежи, тој е главно континуиран. Гоневме многумина и тоа беа ефективни мерки против симптомите, но иницијаторите на ова кривично дело сè уште се исто толку активни, вели Хана Парадис, зборувајќи за минатонеделните две убиства во Гетеборг, за кои се уште нема уапсени. - Ќе ни требаат години за да го решиме, можеби дури и децении. Не смееме да мислиме дека насилството во криминалните кланови исчезна само затоа што јануари беше помирен. Проблемот сè уште постои, криминалот е главно континуиран, а иницијаторите на криминалот се подеднакво активни, изјави за Дагенс Хана Паради од полицискиот штаб во Стокхолм.

Во центарот на конфликтот со организираниот криминал во Шведска во последниве години е 38-годишниот Рава Маџид, шведски и турски државјанин со курдско потекло и водач на до неодамна моќниот клан Фокстрот, за кој се верува дека се крие во Блискиот Исток. Маџид, познат и како Курдска Лисица, е обвинет за септемврискиот бран насилство во околината на Стокхолм во кој беа убиени десет членови на криминалното подземје, како и двајца случајни минувачи.

Полицијата проценува дека во моментов во Шведска дејствуваат 9.000 членови на криминални кланови, на кои им помагаат околу 30.000 поврзани лица. Само во Стокхолм има околу 50 активни кланови, од кои многу сега се во судир со Фокстрот, неодамна ослабен со серија апсења и полициски акции низ Европа поради нелегалниот пазар на дрога. ссм/

фото: ДПА архива

Остани поврзан