• петок, 03 мај 2024

Швајцарски клуб донираше спортска опрема за младинците на ФК ,,Брегалница" од Делчево

Швајцарски клуб донираше спортска опрема за младинците на ФК ,,Брегалница

Делчево, 6 април 2024 (МИА) - Младите категории на фудбалскиот клуб „Брегалница“ од Делчево  денеска добија донација од спортска опрема од спортски клуб од Швајцарија.  Опремата ја обезбеди иселеникот Николас Јанчевски кој тренира младинска екипа  во местото каде што живее во Швајцарија.

-Овие дресови се од нашиот клуб кои оценивме дека повеќе се потребни на овие наши деца овде и клубот ми одобри да ги донесам овде, во Делчево, рече Јанчевски.

Делчевскиот иселеник изрази воодушевување од играта и талентот на младите фудбалери, за кои рече дека  ја имаат техниката на некогашната југословенска школа.

-Се гледа дека талентот е природен. Таму е малку потактички фудбал, а тука се гледа дека децата се надарени за фудбал. Затоа им порачувам да играат фудбал, а потоа другото ќе си дојде со работа, додаде Јанчевски.

За неговиот родител Кире Јанчевски тажно е што Делчево нема фудбал во сениорска конкуренција, очекувајќи сениорите од Делчево повторно да почнат да се натпреваруваат наесен.

-Кога имаше Трета лига исток јас доаѓав овде, ги гледав фудбалерите. Сега, за жал, не играат, но апелирам до постарите да смогнат сили, да спонзорираат за ФК Брегалница да се натпреварува и во сениорска конкуренција, додаде Јанчевски.

Денешниот ден младите категории на Фудбалскиот клуб „Брегалница“ ги одмерија силите со екипата на „Младост“ од Оризари.

-Ова се генерации 2012/13, на два терена се игра, тука се дечињата од 2015/2016 генерација. По нив имаме и други натпревари бидејќи има многу дечиња. Мислам дека сите дечиња, а ги има преку 100, ќе бидат многу задоволни, рече тренерот на делчевци Душко Петровски.

Од клубот се заблагодарија за донацијата на клубот од Швајцарија и се сложија, во рамки на можностите, соработката помеѓу двата клуба да продолжи. вс/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан