• сабота, 29 јуни 2024

Швајцарија и Италија ја отвораат осминафиналната фаза на ЕП 2024

Швајцарија и Италија ја отвораат осминафиналната фаза на ЕП 2024

Берлин, 29 јуни 2024 (МИА) - Со два натпревари в сабота, на 29 јуни, во Германија ќе продолжи 17. издание на Европското фудбалско првенство.

По два дена одмор по завршувањето на групната фаза, осминафиналните битки почнуваат со мечот меѓу Швајцарија и актуелниот освојувач на трофејот Италија во 18 часот по наше време, а вечер од 21 часот домаќините и Данска ќе излезат на терен.

На „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд, бундестимот ќе бара пласман во четвртфиналето, но најпрво треба да го совлада цврстиот тим на Данска. Избраниците на Јулијан Нагелсман ја завршија групната фаза без пораз по двете комфорни победи над Шкотска и Унгарија и ремито со Швајцарија, а замената Никлас Филкруг го обезбеди првото место на Германците во групата А со доцното израмнување против Швајцареците. Токму мечот со „крстоносците“ ги покажа првите загрижувачки знаци во играта на „панцирите“ од почетокот на турнирот, но треба да се земе предвид и фактот дека тимот веќе беше квалификуван за елиминациите. Нагелсман и компанија ќе бараат место во осминафиналето против „црвениот динамит“ на Каспер Хулманд.

Скандинавците, полуфиналисти на ЕП 2020, ги поминаа групите со три ремија против Словенија, Англија и Србија, завршувајќи на второто место во групата Ц само поради нивниот подобар пласман по европските квалификации над Словенците. Данците тешко постигнуваат голови, но подеднакво тешко му даваат голови на Каспер Шмајхел, па ќе се обидат повторно со дисциплина да ги изненадат домаќините уште пред четвртфиналната фаза.

Во раниот натпревар на Олимпискиот стадион во Берлин, Италија ќе бара да ја продолжи одбраната на титулата против добро организираниот тим на Швајцарија. Избраниците на Лучано Спалети едвај стигнаа до осминафиналето, откако ја совладаа Албанија со 2-1 на отворањето, губејќи тесно од Шпанија со 0-1, а потоа им требаше задоцнет гол од замената Матија Џакани против Хрватска за да завршат на второто место во групата. .

Мурат Јакин покажа далеку подобро лице, победи против Унгарија со 3-1 и ремизираше со Шкотска и Германија, но во двата меча имаа свои шанси за освојување на 3 поени. Сега, „крстоносците“ се подготвени да го продолжат својот марш на Евро 2024 со исфрлање на досега неубедливите шампиони.

Победникот од двојката Швајцарија-Италија ги чека Англија или Словачка во четвртфиналето, додека Германците или Данците во осминафиналето ќе се сретнат со Шпанија или Грузија. дс

Фото: Архива

Остани поврзан