• петок, 17 мај 2024

Шаќири: Подготвени сме да се посветиме на имплементација на секој аспект на сајбер безбедноста

Шаќири: Подготвени сме да се посветиме на имплементација на секој аспект на сајбер безбедноста
Скопје, 3 март 2021 (МИА) - Сајбер безбедноста е составен дел од секој столб на дигиталната агенда, а ние како земја, сме подготвени да се посветиме на имплементација на секој аспект на сајбер безбедноста: правна, техничка, организациска, градење на капацитети и соработка, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, кој се обрати на панел дискусија во рамките на регионалната онлајн конференција „Сајбер отпорност и изградба на капацитети за сајбер безбедност на Западен Балкан“. Во своето излагање, министерот Шаќири потенцираше дека воспоставувањето на заеднички стандарди за развој на сајбер безбедноста е нагласено како еден од стратешките приоритети на владата за 2021 година и се опфатени во Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022. Воедно, Нацрт-законот за безбедност на мрежните и информациските системи ја транспонира Директивата за НИС на Европската унија и кога ќе биде усвоен, ќе биде највисоката легислатива за сајбер безбедност во земјата, потенцираше Шаќири. - Во моментов, Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ) е официјално национално место за контакт и координација во справувањето со безбедносните инциденти во мрежите и информациските системи. МКД-ЦИРТ има голем број на доброволни составни единици, вклучително и критични оператори на инфраструктурата. Сепак, улогата на МКД-ЦИРТ, како што е дефинирана со Законот за електронска комуникација, е чисто советодавна и тие не можат да воведат мерки за безбедност на информациите, дури ни на владините тела. Новиот закон за безбедност на мрежните и информациските системи, при транспонирање на Директивата за НИС на Европската унија, треба значително да го подобри законодавството за сајбер безбедност во земјата. Со донесувањето на овој закон, исто така, ќе се дефинираат давателите на суштински услуги и ќе се промовира стратешката соработка и споделувањето информации. Воспоставувањето надлежен национален орган за НИС е регулирано и со овој закон“, истакна министерот Шаќири. Од Министерството за информатичко општество и администрација велат дека конференцијата е организирана од Женевскиот центар за управување со секторот за безбедност, со поддршка на Владата на Република Словенија и на Британската Влада и ќе трае три дена. На конференцијата учествуваат министрите или државните секретари од сите министерства на економиите од Западен Балкан одговорни за управување со сајбер безбедноста, како и клучните креатори на политики за компјутерска безбедност на Западен Балкан, меѓународни и регионални организации и експерти. ар/са/

Остани поврзан