• недела, 22 декември 2024

Чилеанците го отфрлија текстот на уставот што требаше да го замени оној од времето на Пиноче

Чилеанците го отфрлија текстот на уставот што требаше да го замени оној од времето на Пиноче

Сантјаго, 18 декември 2023 (МИА) - Чилеанците вчера го отфрлија новиот конзервативен текст на уставот кој требаше да го замени оној од времето на диктатурата на Аугусто Пиноче. По пребројувањето на 99,65 отсто од гласовите, вкупно 55,76 отсто од Чилеанците го отфрлија новиот текст, додека за него гласаа 44,24 отсто.

Тоа е втор нацрт-устав што чилеанските гласачи го отфрлија како замена за сегашниот устав. Процесот на промена на Уставот започна по големите протести против нееднаквоста што ја зафатија земјата во 2019 година.

„Земјата стана поларизирана, поделена“, рече претседателот Габриел Бориќ во телевизиско обраќање, повторувајќи дека неговата влада нема да создаде трет нацрт, туку ќе продолжи со пензиските и даночните реформи преку законодавството.

Граѓанството бара подобра можност за дијалог, консензус, но повеќе од се, акција“, додаде Бориќ.

Во септември минатата година, гласачите го отфрлија првиот нацрт на уставните измени што го подготви парламентот, во кој главно имаше претставници на левичарските партии, а тој беше насочен кон социјалните права, правата на домородното население, животната средина и родовите права.

Во меѓувреме, електоратот се сврте надесно, а вториот нацрт на уставните амандмани го подготви парламент во кој доминираа конзервативните партии.

Текстот се сметаше за поконзервативен и попогоден за пазарот од уставот од 1980 година. Во неговиот центар беа правото на приватна сопственост и строгите правила за имиграција и абортус.

„Конечно, по четири години интензивни дискусии и разговори за уставот, ние сме на истото место“, изјави политичкиот аналитичар Кенет Бункер, додавајќи дека смета оти разговорите нема да запрат и дека очекува прашањето за Уставот да стане клучно на следните претседателски избори. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан