• недела, 22 декември 2024

Честитка од МД „Илинден“ до верниците по повод големиот христијански празник Водици

Честитка од МД „Илинден“ до верниците по повод големиот христијански празник Водици

Тирана, 19 јануари 2024 (МИА) – По повод големиот христијански празник Водици, Македонското друштво „Илинден“-Тирана од името на Македонците во Албанија упати честитка до Поглаварот на МПЦ-ОА, неговото блаженство архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите православни верници.

-Дозволете ми во мое лично име и во име на македонското друштво „Илинден“-Тирана и на македонското национално малциство во Албанија, Вам лично, на вашето свештенство и на сите православни верници, да ви го честитаме големиот Христијански празник Богојавление Христово – Водици, стои во честитката.

Во честитката се наведува дека Богојавление е настан што просветлува и не поучува на прочистувањето кога постои вистинската верба и се додава дека радувајќи се на Исусовото крштевање и осветувајќи ги водите да си посакаме подобра иднина, знаење, мудрост и енергија, сила и верба за позитивни исчекори.

-Да се помолиме и да си посакаме убави празнични денови, а убавите мисли и дела, честа и достоинственоста да не следат и да се постојано со нас и оваа година. Бидете благословени и нека ни е честит големиот христијански празник. Ваше Блаженство. Бог се јави! Навистина се јави, стои во честитката потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Во духот на македонските обичаи и традиции празникот Водици се слави насекаде во Албанија каде што живеат Македонци - Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник и во поголемите градови низ Албанија.

Во Голо Брдо крстот украсен со босилок, порано, кога православните биле во голем број, се полагал во реките, но сега тоа се прави симболично во поголем сад со вода. Во Мала Преспа традиционално во сите села крст ќе биде положен во водите на Преспанско Езеро. вт/фф/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан