• недела, 22 декември 2024

ЦУК: Според последниот извештај вкупно 1.549 повици на 112, три пожари на отворено

ЦУК: Според последниот извештај вкупно 1.549 повици на 112, три пожари на отворено

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) - Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало вкупно 1.549 повици на  Единствениот број за итни случаи 112.

- Од нив „реални“ повици биле 56 отсто, а 44 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 62 отсто, кон Итната медицинска помош 33 отсто, а кон пожарникарите три отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК, информираат утрово од ЦУК.

Центарот за управување со кризи информира дека во последното деноноќие имало пријавено три интервенции врз пожари на отворено, покрај интервенциите врз пожари во урбани средини и населени места на територијата на државата.

Регионалниот ЦУК Струмица известува дека пожарот кој почнал во 14:53 часот во саботата (14.09.2024 година) меѓу селата Белотино и Рич е локализиран. Како што не известија од ТППЕ Струмица нема константно горење, туку се појавува горење на сува лисната маса, борови иглички и падната лисната маса што е со дебелина од 20 до 30 см. Направен е безбедносен противпожарен појас околу пожарот за да не се шири. Во интервенцијата учествуваа ТППЕ Струмица со тројца пожарникари и едно возило и тројца вработени во ЈП „Национални шуми“, подружница „Беласица“ од Струмица. Од утрово, повторно е извршена контрола на пожарот со цел ако има одредени точки што се уште чадат да се догаснува.

Регионалниот ЦУК Штип, пак, информира дека пожарникарите од ТППЕ Кочани вчера, од 8:54 до 9:30 часот, со двајца пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на запалена депонија и кабли на депонијата на месноста „Полачки Пат“ во Општина Кочани.

РЦУК Тетово информира дека пожарникарите од ТППЕ Тетово, од 15:55 до 16:25 часот, со тројца пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на запалено ѓубриште меѓу селата Желино и Сирично.

Регионалниот ЦУК Велес, пак, известува за добиена пријава на 112 за свлечиште на патот меѓу селата Согле и Богомила во Општина Чашка. Тоа, според пријавителот, претставува опасност за коловозот и железничката пруга.

- Интервенирале екипи на ЈП „Македонија пат“ - подрачно одделение од Велес и на „Македонски железници“, информира ЦУК. Оттаму апелираат редовно да се чистат локалните одводни канали и да не се фрлаат отпадоци во нив. мд/сст/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан