• петок, 22 ноември 2024

Цената на становите во Скопје со раст од 4,7 отсто во првиот квартал, поскапени атрактивните градежни парцели

Цената на становите во Скопје  со раст од  4,7 отсто во првиот квартал, поскапени атрактивните градежни парцели

Скопје, 5 април 2024 (МИА) - Цените на становите во Скопје во првиот квартал годинава поскапеле за 4,7 отсто на годишнo ниво, а бележат пад од 0,8 проценти  во однос на претходниот квартал, покажува Индексот на цените на станови на Народната банка. Ова е прво минимално квартално намалување на цените на становите по долг период, откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година.

Според податоците на Народната банка, во последното тримесечје од 2023 година становите поскапеа за еден процент во однос на третото тримесечје, а на годишно ниво за седум проценти. Во првиот квартал лани цените на становите  се зголемија за 18,8 проценти на годишно ниво, односно од 1,3 отсто на квартално ниво, во второто тримесечие од 1,6 отсто, односно од 12,9 отсто, а во третиот квартал од 2,9 проценти, односно од 11 проценти. 

Никола Велковски од Здружението за градежништво при Стопанската комора на Северна Македонија, смета дека цените на становите кои подолг период бележaт постојан раст не се реални, но се очекувани. 

Велковски во изјава за МИА, укажува дека е намален бројот на  интересни профитабилни градежни парцели во поинтересниот дел од градската средина и оти нивната цена расте.  Добрата работа, според него,  е што добар дел од инвеститорите почнаа да градат на периферијата на градот, што е за поздравување, но како што укажува тоа треба да го следи соодветна инфраструктура. 

-Цените на становите за изминатиот период не се реални, но се очекувани  согласно тоа кои се сега во игра како градители на станови.  Кога сопствениците на парцели за градба видоа дека градителите ги покачија цените на становите и тие ги зголемија нивните  услови. Ако порано за заедничка градба се бараше 20, 25, 27, максимум 30 проценти од земјиштето, сега стасува и до 40 проценти од земјиштето, изјави Велковски. 

Сега, појаснува, најмалку има  градежни фирми екипирани со инеженерски и работнички кадар што тоа им е основна дејност на работење. Сега градители се практично трговци поединци кои еднократно инвестираат, имаат свои пари и ги инвестираат во недвижности и градежништво затоа што тука сега е конјуктурно и профитабилно. Тие единствено  го гледаат профитот, па може да биде еднократно да градат една, две, пет згради,  но водилка е исклучиво профитот. Мене не ме лути толку тоа, туку тоа што ние како инженерска фела, како урбанисти им влегуваме во нивната шема на креирање и планирање на просторот. Треба практично да го релаксираме посторот, не мора да се гради секаде затоа што сега најмногу каде се гради по порачка за измена и дополна на урбанистичките планови со самофинансирање. Врз основа на тие инцијативи што ги покренуваат баш овие градители што им се интересни урбанистичките и градежните парцели, потоа се прилагодува кон нивните барања - да стават повеќе објекти во еден блок, повисоко, пониско, па нема ниту осончување, ниту проветрување, а ним им е важно да има кандидатура и износот на профитот на продажбата, изјави за МИА Велковски. 

Пазарот на недвижности во однос на обемот на тргување бележи раст, според последните податоци од Регистарот на цени и закупнини за третиот квартал лани кога се регистрирани 5.527 трансакции,

Поголемиот проблем, дополнува, е што сега трговците инвеститори со станови немаат свои локации и се обраќаат кај сопствениците  на земјиште на кое е предвидено да се гради, кои пак ги покачија условите и цената. 

-Порано имаше два модела за договор со инвеститорот, да  го откупат земјиштето или да се договорат за заедничка градба со соинвеститороство. Кога сопствениците видоа дека градителите ги покачија цените на становите сега и тие ги зголемија нивните  услови Ако порано за заедничка градба се бараше 20, 25, 27, максимум 30 проценти од земјиштето, сега отиде и до 40 проценти од земјиштето, што  не е ниту легитимно, легално и логично. Но, затоа што овие сакаат да градат сега овие другите ги  зголемуваат условите и потоа се зголемува цената. На крај мене ме чуди која е уште таа категорија која може да поднесе таква цена на станови, а во Скопје сега веќе има 70 000 до 80 000 празни станови, вели Велковски. 

Ако се оди со моделот со откуп на катастарска парцела во склоп на градежната парцела, појаснува,  тогаш се наоѓаат пари во готовина, имаат веројатно некоја „слободна пара“ која тука се легализира преку откуп на земјиште. 

-Замката во целата работа е што сега е намален бројот на интересни профитабилни градежни парцели во поинтересниот дел од градската средина и нивната цена сега скока.  Добрата  работа што ми се допаѓа   е што добар дел од инвеститорите почнаа да бегаат по периферијата на градот,  во Ѓорче Петров, Волково, Идризово, Петровец,.. што е добро за градот кој треба да се шири. Но, потенцира Велковски, тој дел треба да го следи соодветна инфраструктура, покрај патишта и  училишта, градинки, места за рекреација и спорт. Сега се гради на многу места, но нема ниту градинки, ниту училишта, зеленило, места за спорт и рекреација...  Станот не е само место за спиење, треба да се обезбедат сите услови, посочува Велковски. 

Во формирањето на цената на становите, укажува, прва е цената на чинење на градежната парцела. Ако порано беше 250 до 300 евра по метар квадратен, Велковски вели дека сега по метар квадратен цената за откуп на земјиштето достигнува и по 1000 евра.

-Согласно квадратурата на градбата, односно колку квадрати се градат се формира цената на градежната парцела. Потоа доаѓаат комуналиите кои не се многу зголемени, изнесуваат од 80 до 120, 130 евра по метар квадратен, па учеството на градежните материјали и работната рака.  Зголемената цена воопшто не е одраз на цената на градежните материјали кои се поскапени 20 до 30 проценти. Има учество и  недостатокот на работна рака, не е толку работата  во платата на луѓето, туку во квалитетот на тие кои сега градат бидејќи нема веќе стручни мајстори и тоа е голем проблем. Државата мора да се сврти кон продукција на таков профил на кадар  - занаетчии во сите професии. Треба да се стимулираат децата  да се запишуваат на такво школовување. Иако се работи повеќе, повеќе и се заработува, порачува Велковски. 

Даниел Цеков од градежната компанија Адинг и член на УО на Здружението за градежништвото индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора претходно во изјава за МИА укажа дека инфлацијата, достапноста на енергенсите и суровините, логистичките пречки и растот на цената на превозот, не ветуваат пад на цените на градежните материјали, како еден од факторите во цената на градбите. 

Откако пред четири години ланците на снабдување беа нарушени со пандемијата а од пред две години и со руската воена агресија врз Украина, цените на енергенсите и транспортот во неколку наврати имаа нагли скокови што доведе до нестабилни цени и поскапувања кај сите категории градежни материјали.

Во иднина може да се очекува да продолжи трендот на зголемување на побарувачката за недвижности во руралните средини и викенд места, додека во градските средини да се одржи нивото на побарува

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваaт дека  во јануари годинава издадени се 256 одобренија за градење, што е за 34,4 проценти помалку во однос на истиот месец лани. Предвидената вредност на објектите изнесува 4 503 536 илјади денари, за 41,6 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 166 (64.8  проценти) се наменети за објекти од високоградба, 48 (18,8 проценти) за објекти од нискоградба, а 42 (16.4  проценти) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 256 објекти, на 164 (64,1  процент) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 92 (35,9  проценти) од објектите инвеститори се деловни субјекти.

Податоците на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека во периодот октомври - декември 2023 година се запишани 2504 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 512.333.563 евра и 2.771.805.684 денари. Во Центарот за катастар на недвижности Скопје се запишани 1.143 хипотеки, а вредноста на недвижностите е 205.964.938 евра и 1.164.349.758 денари. Во останатите 29 одделенија за катастар на недвижности во државава, пак, имало 1.361 хипотека со вредност од  306.368.625 евра и 1.607.455.926 денари.

Лидија Велковска 

фото:МИА архива 

 

Остани поврзан