• сабота, 29 јуни 2024

Хотелот „Борец“ се распаѓа, битолското Здружение на пензионери бара да го обнови и реактивира

Хотелот „Борец“ се распаѓа, битолското Здружение на пензионери бара да го обнови и реактивира
Битола, 5 јули 2022 (МИА) - Хотелот „Борец“ во Битола, изграден со средства од пензионерите во рамки на фондот за станбена изградба, е затворен и се распаѓа. Некогаш репрезентивниот објект за сместување на стари и изнемоштени лица, хотел од отворен карактер со препознатлива кујна и други угостителски поволности, денеска празен, обраснат со трева, необезбеден и на мета на крадците, пропаѓа и е нефункционален. -Хотелот „Борец“-Битола од 2015 година, седум години по ред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување-ПИОМ го огласува на продажба. Сите јавни наддавања минаа без интерес на купувач, а тоа значи дека нема комерцијален интерес за објектот. Ние, сметаме дека хотелот „Борец“ може да продолжи успешно да работи како објект за сместување на стари лица, односно Старски дом, истакна Даница Петличкова, претседателка на Здружението на пензионери во Битола. За намерите на Здружението на пензионери, нивната визија и програма за заштита и функционалност на хотелот „Борец“ во Битола информирани се премиерот, министерката за труд и социјална политика и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија-ПИОМ. -Имаме капацитет, искуство и знаење како најнапред да го зачуваме објектот, а потоа и да овозможиме сместување на стари лица пензионери. Потребата за згрижувачки објекти во Битола е голема, а нема капацитети. Битола станува град на пензионери, листите за чекање за сместување во скромната понуда се големи и затоа ние нудиме јасно и конкретно решение за начинот на стопанисување со објектот, посочи Петличкова. Хотелот „Борец“ во Битола има можност да смести над 250 пензионери во 93 категоризирани соби, има посебна кујна, ресторан, перална и сушара, но во моментов сите содржини се надвор од функција, застаруваат, се уништуваат, а често и се крадат. мт/рп/

Остани поврзан