Харадинај за А2 Си-Ен-Ен: Постапките на Курти ја спасија Србија од одговорноста за нападот во Бањска
- Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај вели дека постапките на Косовскиот премиер, Албин Курти придонеле Србија да не понесе одговорност за терористичкиот напад во Бањска во северно Косово во септември 2023 година и за блискоста со режимот на рускиот претседател Владимир Путин, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 2 ноември 2024 (МИА) – Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај вели дека постапките на Косовскиот премиер, Албин Курти придонеле Србија да не понесе одговорност за терористичкиот напад во Бањска во северно Косово во септември 2023 година и за блискоста со режимот на рускиот претседател Владимир Путин, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во интервју за тeлевизијаta А2 Си-Ен-Ен (A2 CNN, a2news.com) Харадинај го обвини Курти дека со неговите постапки ѝ помага на Србија да презема непијателски дејствија кон Косово.
„Србија презеде многу дестабилизирачки дејствија, но не беше казнета благодарение на Курти. Политички Курти е кратковид, не ја разбира стратегијата на геополитиката, тој е кусоглед, или е во странски агенди. Неговите постапки ја спасија Србија од одговорноста за нападот во Бањска и за блискоста со режимот на Путин и за сите неправди што продолжува да му ги нанесува на Косово. Тие ја објавија пансрпската декларација. Кога би го направиле тоа Албанците, цел свет ќе се кренеше на нозе. Со нивни законски акти тие носат одлуки за Косово и сето тоа Србија го прави поради помошта што ѝ ја дава Курти, кој толку лошо го позиционира Косово што тие не се санкционираат“, рече Харадинај.
Според него, Курти го прифатил најлошиот можен нацрт-статут за Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово и сега игра опасни игри со меѓунаордниците.
„Американците и сојузниците од ЕУ му понудија на Курти нацрт за спас на Косово од какви било последици од заедницата. Курти не тргна по тој пат, туку приватно го прифати нацртот на ЕУ и го пофали. Први кои изразија загриженост поради нацртот на ЕУ сме лидерите на опозициските партии. Курти го прифати најлошиот нацрт на Косово. Ова е негова опасна игра“, изјави поранешниот косовски премиер.
Во овој контекст, Харадинај вели дека кога ќе дојде на власт има две опции: нов нацрт за Заедницата или втората опција е да се испрати до Уставниот суд.
Извештајот на Европската комисија за напредокот на Косово, Харадинај го смета за најлоша вест, бидејќи тој не се занимава со укинувањето на санкциите на Европската унија против државата.
„Нема полоша вест од извештајот за напредок на ЕК, тој не се однесува на потребата од укинување на овие санкции. Косово има ограничен напредок и ЕУ треба да ги укине санкциите. Факт е дека сме под санкции, исто како Русија и некоја непријателска земја. Извештајот е тапкање во место, никаква промена од минатото. Властодршците се обидуваат да го прикријат тоа, но не заборавајте дека сме под санкции“, рече Харадинај во интервјуто за А2 Си-Ен-Ен. иа/