• петок, 27 декември 2024

Се интензивираат работите за изградба на автопатот Прилеп-Битола од Коридорот 10 Д

Се интензивираат работите за изградба на автопатот Прилеп-Битола од Коридорот 10 Д

Прилеп, 2 ноември 2024 (МИА)  - Се интензивираат работите на автопатот Прилеп- Битола кој е дел од Коридорот 10Д. Треба да биде готов за три години, до крајот на 2027 година и да обезбеди економски развој на општините од Југозападниот регион, констатираа при денешниот увид на работите владините претставници, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николовски, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајаноски. На увид беа и претставници на „Бехтел и Енка“ кои ги изведуваат работите и амбасадорката на САД во нашава земја, Анџела Агелер.

Од околу 40 километри на автопатската делница, во моментот фронт на работа се 6 километри. Од 1300 парцели екпроприрани се 850, а од 500 хектари, на 100-тина се отстранети експлозивни направи, со помош на Армијата.  Од досега најдените околу 19 500 можни експлозивни материјали, се извадени 200.

-Ние сега сме еден чекор пред „Бехтел и Енка“. Ако претходно чекаа зашто не беше извршена експрорпијацијата, ако чќекаа бидејќи не беше решено деминирањето, сега тоа е решено и нема да плаќаме толку пенали, туку, напротив, „Бехтел и Енка“ треба да не следи нас, изјави Коце Трајановски, директор на ЈП за државни патишта.

Министерот за транспорт и врски Александар Николовски го нагласи значењето на автопатот за економскиот развој на општините од југозападниот регион.

-Овој автопат води до два големи центри во Македонија, до Прилеп и до Битола, а тука води и до границата со Грција, до нашиот втор граничен премин со Грција, што значи целосно отворање и за туризмот и за економијата. Ова значи заживување на економијата за целиот Пелагониски регион, добрите економски перформанси во овој регион дополнително се надградуваат, да се отвораат нови добро платени работни места и луѓето да ја видат својата иднина тука, рече Николовски.

Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен како се одвиваат работите на теренот.

-Битно е дека ние сме практично пред динамиката која ја имаа градежната компанија за да не го кочиме процесот и од она што можев во неформален разговор од одговорните да го слушнеме е дека до отприлика крајот на 2027 година, отприлика 3 години ќе бидат потребни за ова овде да се заврши, изјкави Мицкоски.

Според амбасадорката Агелер,  активностите се потврда, како што рече, за посветената работа на нашите колеги, на тимот на „Бехтел и Енка“. - Исто така демонстрација на тоа кога имате сериозна компанија со солидна инвестиција, заинтерсирана за работа во земја  каде е добредојдена, рече Агелер.

Автопатот Прилеп-Битола треба да биде готов до крајот на 2027 година. Заедно со експресниот пат Градско-Прилеп кој се гради во три етапи и треба да биде готов за една година, целосно ќе ја промени реалноста во регионот. ем/лв/

фото: МИА

Остани поврзан