• петок, 26 април 2024

Харадинај до Албанците во Северна Македонија: Не му верувајте на Курти (ДПЛ)

Харадинај до Албанците во Северна Македонија: Не му верувајте на Курти (ДПЛ)

Приштина, 12 август 2023 (МИА) – Поранешниот косовски премиер, лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај им порача на Албанците во Северна Македонија да не му веруваат на актуелниот косовски премиер, Албин Курти, кој вчера, за време на престојот во Севрна Македонија, вети дека ќе започне со изградба на патот од Призрен во Косово до Тетово во Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти, кој вчера престојуваше во скопската општина Чаир на церемонијата на именувањето на една улица со името на косовскиот деец и активист за човекови права, Адем Демачи, а подоцна ја посети и општина Тетово, каде што одржа собир со граѓани, изјави дека работите за изградба на патот Тетово-Призрен неоправдано доцна и побара тие да започнат што поскоро.

Харадинај на неговата страница на Фејксбук напиша дека Курти се обидел да ги измами и Албанците во Албанија, но таму „не му поверуваа и го избркаа“.

- Почитувани сонародници Албанци во Северна Македонија. Не му верувајте на измамникот Албин Курти. Во Косово ги блокира сите патишта и проекти, вклучително патот за Плав (во Црна Гора). Откако не може веќе да ги лаже Косоварите, дошол да ве лаже вас, за патот Тетово-Призрен. И во Албанија се обиде исто, но не му поверуваа и го избркаа. Немојте ни вие да станете жртви на неговите измами, порача Харадинај.

Актуелниот косовски премиер, Курти, во неговото обраќање пред насобраните граѓани во Тетово рече дека поврзување на тој град од македонскиот северозапад со градот Призрен од јужно Косово, „значително ќе го помогне развојот на двете соседни земји“.

Тој потсети дека договорот за изградба на споменатиот пат е постигнат на заедничката седница на владите на двете држави во септември 2021 година и дека истиот е потпишан од него и од македонскиот премиер, Димитар Ковачевски.

- Патниот правец кој ги поврзува Призрен и Тетово е договор меѓу нашите две влади, од заедничката седница, и е потпишан од мене и од македонскиот хомолог, Ковачевски. Затоа сакаме оваа физибилити студија да се реализира и да започнат работите за извршување на овој голем проект, рече Курти.

Во извештаите од вчерашната посета на Курти на Северна Македонија, медиумите од двете земји напоменуваат дека тој не се сретнал со претставници на владејачките партии, туку бил придружуван од лидерите на опозициските партии на Албанците во земјата – Изет Меџити од Демократското движење (фракција на Демократската унија за интеграција, ДУИ), Билал Касами од партијата Беса и Африм Гаши од Алтернатива, како и од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој од ДУИ премина во партијата на Меџити. аа/ иа/

Фото: МИА архива

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан