• понеделник, 23 декември 2024

ФИТР: Почнува воспоставување на „MakerSpace“ лаборатории за истражување, креативност и иновации

ФИТР: Почнува воспоставување на „MakerSpace“ лаборатории за истражување, креативност и иновации

Скопје, 17 мај 2023 (МИА) - Во Фондот за иновации и технолошки развој се потпишаа договорите за спроведување на четирите проекти на Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, Универзитетот во Тетово и Здружение на граѓани „Македонско биолошко друштво” - Скопје, одбрани за кофинансирање во рамките на „Предизвик за воспоставување на лаборатории за истражување, креативност и иновации MakerSpace”, информираат денеска од ФИТР.

- Со воспоставување на четирите нови лаборатории, младите истражувачи и креативци од денеска добиваат нови современи лаборатории опремени со најнова технологија и опрема, каде ќе можат слободно да работат на своите иновации и креативни решенија. Овие лаборатории ќе претставуваат отворен простор, каде младите ќе имаат можност да соработуваат со приватниот сектор, високообразовните и научни установи, бизнис и невладиниот сектор, се наведува во соопштението.

Во писмената изјава на Фестим Халили, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, пишува дека навистина го радува тоа што „најновата инвестиција на ФИТР претставува голем чекор за македонското образование и наука, бидејќи од денес младите иноватори од целата држава ќе имаат можност своите иновации и вештини да ги развиваат во нови и подобри услови“.

- ФИТР како институција се фокусира на поддршка на иноваторите и претприемачите и континуирано работиме кон создавање на подобри услови за младите да имаат можност да ги стекнат неопходните вештини и искуства токму тука, во нашата земја. Со овој тип на активности, ФИТР значително придонесува кон воспоставувањето на четворен хеликс систем кој подразбира блиска соработка помеѓу академската заедница, индустрија, граѓанскиот сектор и јавниот сектор. Оваа соработка ќе овозможи подобро искористување на иновациските потенцијали во сите општествени сегменти и подобри услови за младите да ги унапредат своите вештини и потенцијал, смета Халили.

Како што се додава во соопштението, предизвикот „MakerSpace“ претставува „продолжение на пилот проектот „Fab labs“, преку кој создадовме механизам за воспоставување и поддршка на ваков тип на лаборатории. Преку овој предизвик, ФИТР со финансиска поддршка од 12 милиони денари ги поддржа трите проекти: ЦИРКО, ФЕИТ и ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, кои веќе ги отворија вратите на младите истражувачи да работат на своите иновативни решенија“.

- Лабораторијата „Architecture craft lab (Fumihiko Maki)” е проект на Универзитетот на Југоисточна Европа, со цел да поттикне напредни истражувања поврзани со архитектонски дизајн, урбан дизајн, визуелизација на податоци, материјализација и дигитална изработка. Лабораторијата ќе претставува платформа за соработка помеѓу различните дисциплини на факултетот, поврзувајќи ја науката и уметноста преку експериментирање. Лабораторијата ќе биде отворена за студентите на Универзитетот на Југоисточна Европа, односно студентите од Факултетот за современи науки и технологии, како и други заинтересирани страни, вклучувајќи ги и средношколците, инспирирани да ги откријат придобивките од областа. Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип ќе ја воспостави лабораторијата за истражување, креирање и иновативност, „UGD Makerspace”, во која младите од 15 до 29 години, без разлика на нивниот статус, ќе добијат бесплатен пристап до најсовремена технологија и менторска помош, за да може да ги дизајнираат, развиваат и тестираат своите идеи до добивање на прототип. Лабораторијата „UGD Makerspace” ќе спроведува неколку програми: организирање на квалитетна и прилагодена пред-инкубаторска програма, програма MakeIt Talent, програма MakeIT BakeIT, програма MakeIT Equal. Лабораторијата ќе се фокусира кон неколку приоритетни сектори на интерес и тоа: поттикнување на иновации и циркуларна економија во рамките на индустријата за производство, поттикнување на иновации и зајакнување на циркуларната економија во секторот за AgriTech, поттикнување на иновации во секторот на мониторинг и заштита на животната средина и работната околина, се појаснува во соопштението.

Од ФИТР додаваат дека „лабораторијата за сајбер безбедност и дигитална форензика ќе ја воспостави Универзитетот во Тетово, која ќе симулира професионална околина за дигитална форензика и сајбер безбедност и ќе биде опремена со опрема потребна за обезбедување и анализа на дигитални докази, без оставање трага од извршената анализа. Со овој проект ќе се едуцираат младите да спроведуваат форензички истраги на дигитални уреди со цел подобрување на безбедноста, да спречат злоупотреби во рамки на една компанија, да спроведуваат истраги на поранешни вработени, кражба на интелектуална сопственост, заканувачки е-маил пораки и слично“.

- Здружението на граѓани „Македонско биолошко друштво” од Скопје ќе ја формира „Bio Maker Space” лабораторијата, која ќе биде концепирана како мултидисциплинарен комплекс, дизајниран да обезбеди комуникација помеѓу поединци и тимови и ќе овозможи стратешко споделување на опрема со цел да се забрза процесот на истражување, добивање нови сознанија и нивно презентирање. Лабораторијата ќе се фокусира на следните области: биоинженерство, 3D (био) печатење, продукција на храна со користење на in vitro технологија, истражување на метаболизмот на различни организми, екотоксикологија, електрофизиологија, молекуларна биологија, техники и постапки за in vitro култура на клетки и ткива, пишува во соопштението на ФИТР. бд/са/

Фото: Архива

Остани поврзан