• недела, 22 декември 2024

Учество на министерот Муцунски на владина донаторска конференција „Ромите и пријателите“

Учество на министерот Муцунски на владина донаторска конференција „Ромите и пријателите“

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествувал и се обратил на владината донаторска конференција „Ромите и пријателите“, посветена на проекти за подобрување на интеграцијата на Ромите во општеството, со акцент на домувањето, културата и образованието.

- Ми претставува особена чест што денес учествувам на овој значаен настан, чија цел е поддршка на поголема инклузија на Ромите во нашето општество. Како мултиетничко демократско општество, Северна Македонија е целосно посветена на промоција на инклузијата и еднаквоста, со акцент на заштитата на човековите права за сите наши граѓани, истакнал министерот Муцунски во своето обраќање, соопштија денеска од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Тој го потенцирал значењето на Националната стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030, која адресира клучни области како образование, вработување, домување, социјална и здравствена заштита. Нагласил дека Владата ќе продолжи со напорите за постигнување социјална кохезија и еднаков развој и цврсто ќе стои на ветувањето „никој да не биде изоставен”, во согласност со Агендата 2030 на Обединетите нации.

Во своето обраќање, министерот Муцунски потсетил дека нашата држава е лидер во регионот во унапредувањето на правата на Ромите, со долгогодишен придонес во спроведувањето на Декадата на Ромите.

- Затоа, апелирам да продолжиме да го градиме нашето општество на принципите на инклузија и еднаквост, создавајќи услови за целосна социјална интеграција и економско зајакнување на ромската заедница, заклучил министерот Муцунски. цр/ев/

Фото: МНР

Остани поврзан